3.8 C
Skopje
понеделник, март 3, 2025

Мицкоски: Власта се срами да ја емитува македонската химна

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на отварањето на изборниот штаб на кандаидатката за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова при што тој одговараше на новинарски прашања.

На прашањето како ја коментира посетата на Ципрас, вчера на вториот ден од кампањата за претседателските избори, Мицкоски вели дека власта се срами да ја емитува македонската химна каде стои „Денес над Македонија се раѓа“ и „Македонците се борат за своите правдини“.

-Од власта велат изминативе две години дека има многу бенефит, откако се тие власт во Република Македонија, за жал не само што граѓаните тој бенефит никако да го почувствуваат со исклучок на неколку семејства блиски до власта. Претпоставувам таков ќе биде резултат од оваа посета на господинот Ципрас, ако е бенефит да се срамиме да ја построиме македонската гарда и да ја емитуваме македонската химна каде што јасно стои дека денес над Македонија се раѓа и дека Македонците се борат за своите правдини. Ако тоа го навредува нашиот гостин, тогаш чуму ни е сето ова кое што вчера ни се случуваше во Република Македонија? Ако нашите пријатели не не прифатат онакви какви што сме, тогаш чуму ни се нас такви пријатели?, потенцираше Мицкоски и дополни:

„Јас воопшто во сите оние најави кои што ги кажува владата на СДСМ и Зоран Заев, граѓаните не веруваат. Првата практично испорака на тие неверувања ќе се случи на 21-ви април а тоа ќе биде потврдено на 5-ти мај, а јас сум убеден дека конечно еднаш премиерот ќе си остане на зборот и откако ќе доживее дебакл неговиот кандидат, неговиот избраник на овие претседателски избори ќе распише предвремени парламентарни избори и тогаш ќе ја види вистинската состојба во Република Македонија“.