Професорката Гордана Силјановска Давкова во нејзината изборна програма како претседател на Република Македонија ветува низа проекти во економијата. Како дел од економските проекти Силјановска во нејзината програма ги наведува следните: Организација на конференција за приклучување на Македонија кон енергетските коридори – Македонија не смее да биде изолирана од енергетските коридори кои се градат или планираат да се изградат во регионот. Нужно е да се продолжи и со гасификацијата и земјата да се поврзе со интерконектори со т.н. Балкански тек.
Јакнење на извозната компонента – ќе дадам силна поддршка на извозно ориентираните компании од Република Македонија, преку нивна промоција во индустриски развиените земји. Ќе работам на проширување на зоните за слободна трговија и отворање можност за склучување на нови договори за бесцарински режим. Ќе побарам она што Владата заборава да побара веќе цели 18 години – официјално вклучување на Македонија во Пан-европската асоцијација на дијагонална кумулација на потекло на стоките, што ќе овозможи финалните производи од Македонија да кумулираат потекло и се извезуваат во ЕУ без царини. Инвестициска оаза – Мој приоритет е промоција на Македонија како безбедна земја со високо квалификуван кадар, земја на млади и паметни луѓе и најдобри услови за вложување на капиталот.
Привлекување странски инвестиции со цел создавање нови работни места кои ќе создадат своевиден притисок на пазарот на труд и ќе придонесат кон подигање на просечната плата. Македонија секаде – Соработката со приватниот сектор ќе биде во насока на промоција на Република Македонија како инвестициска дестинација. Од исклучителна важност е нашето активно присуство на најголемите светски економски и бизнис самити, и иновативно-технолошките саеми. Со секоја посета во странство ќе организирам бизнис форум и ќе носам делегација на компании од сите комори од Македонија.
Фокусот треба да се стави и на новите пазари во Азија и Африка и на следните сектори: металургијата, прехранбената индустрија (посебно конзервната и кондиторските производи), производството на пијалаци, текстилна индустрија, производството на тутун и тутунски производи, ИКТ, мебел и производите од камен (мермер). Целата изборна програма на Гордана Силјановска Давкова можете да ја прочитате тука.
Повеќе детали во врска со програмата можете да прочитате тука.