
Британската премиерка Тереза Меј порача во саботата дека во моментов постои јасен избор меѓу излегувањето на Велика Британија од Европската унија со договор и опцијата во којашто брегзитот воопшто нема да се случи, пишува весникот The Observer.
„Имајќи предвид дека паралментот покажа дека ќе го запре излегувањето на Обединетото Кралство без договор, сега имаме јасен избор: да ја напуштиме Европската унија со договорот или воопшто да не ја напуштиме. Колку подолго ова се развлекува, толку е поголем ризикот Обединетото Кралство воопшто да не излезе“, рекла премиерката Тереза Меј, пренесува The Observer.
Меј во петокот му напиша на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, барајќи одложување на брегзитот до 30-ти јуни, со што ќе им се овозможи на поделените британски пратеници да го усвојат договорот за излегувањето на Велика Британија од Европската унија.
„Обединетото Кралство предлага тој период да заврши на 30-ти јуни 2019 година“, напиша Меј во писмото. Додаде дека доколку биде постигнат договор пред овој датум, Лондон предлага предвремено завршување на одложувањето.
Висок неименуван функционер на ЕУ претходно во петокот кажал за Reuters дека Туск веројатно на Британија ќе ѝ понуди флексибилно продолжување на рокот за излегување од ЕУ до една година, со можност да замине порано. Според него, оваа опција би можело да ѝ биде претставена на Меј на самитот на ЕУ посветен на брегзитот на 10-ти април во Брисел. Доколку премиерката го прифати тоа, Британија ќе мора да ги одржи изборите за Европскиот парламент кон крајот на мај.
Весникот The Sunday Telegraph пишува дека министри во владата на Тереза Меј размислуваат за колективна оставка, доколку челницете на ЕУ ја натераат Меј да го прифати одложувањето поради коешто Обединетото Кралство би морало да учествува на европските избори. Според некои процени, одржувањето на изборите би значело дека Британија би останала во ЕУ уште најмалку две години, а можеби и не би истапила од блокот.