Мицкоски: Не таргетираме само македонски гласови

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при гостувањето на емисијата „200“ истакна дека во кампањата, ВМРО-ДПМНЕ се обраќа на сите граѓани на државата.

-Апсолутно не таргетираме само македонски гласови, ниту пак имаме намера да таргетираме само македонски гласачи. Но, се разбира дека ние во нашата кампања им се обраќаме на сите граѓани во државата, без разлика на нивната етничка припадност, појасни Мицкоски.

Мицкоски посочи дека има многу пријатели Албанци, Турци, Роми кои немаат чувство дека ВМРО-ДПМНЕ само води кампања за Македонците.

-Водиме една кампања која значи критика на политичка реалност во Македонија, но истовремено позитивна кампања од страна на предлогот на опозицијата, а тоа е иден претседател во случајот професорката Гордана Силјановска Давкова, истакна Мицкоски.

Мицкоски истакна дека доколку Зоран Заев би сакал да ги знае чекорите и програмите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот Договор, треба да се осмели и да распише предвремени избори.

Тој рече дека доколку ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори излезе со програма во која ќе вети дека доколку победи ќе му бидат неопходни 80 пратеника и му е потребно Бадинтерово мнозинство за да го врати Уставот пред да се случи Зоран Заев на македонската политичка сцена, ќе се борат тоа да го направат. Тој рече дека во иднина можеби ќе има неколку програми и понуди кои ќе им ги понуди на народот, но дека тој како политичар нема да го изговори името на државата со придавката Северна.

-Од мене, како политичар, никогаш нема да слушнете име со придавката на нашето Уставно име, без разлика на тоа дали е реалноста ваква каква што е, или ќе биде поинаква онаква каква што јас ја замислувам, рече Мицкоски.