Преговорите за СЈО течат, ама договор сѐ уште нема

И по веќе неколку недели преговори и средби власта и опозицијата и натаму без успех во обидите да ги усогласат ставовите за идното функционирање на Специјалното јавно обвинителство. Преговарајќи за текстот на предлог законот за јавно обвинителство со којшто се уредува работата на СЈО понатаму двете страни опстојуваат на речиси првичните позиции за користењето на т.н. „бомби“ и персоналните решенија во СЈО.

Премиерот Зоран Заев вели бомбите не се предмет на разговори и тоа е решено со основниот закон за СЈО.

„Бомбите како докази апсолутно во самото законско решение се предвидени. Тие не беа цел на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или другите претставници на парламентарните партии или пратенички групи, од проста причина што и основниот закон за СЈО, членот 22 вели дека поднесувањето на обвиненија е 18 месеци од преземањето на материјалите и предметите и сите бомби и во предметите кои што се поднесени може да се индиции, оти само по себе како докази не може да опстојат, мора да бидат поткрепени со материјални докази. Она што е најважно е дека предметите за кои се воделе истражни и преистражни постапки се живи, поднесени се обвиненија и тие ќе бидат распределени за да можат обвинители и судии да утврдат за што постојат докази за да можат да бидат процесуирани како и секој предмет, рече Заев.

ВМРО ДПМНЕ не отстапува од барањето да запрат сите истраги отворени по 30-ти јуни 2017 година датумот кога според законот истече рокот од 18 месеци за покревање на нови истраги кои произлегуваат од прислушуваните материјали. Опозицијата смета дека инкорпорирањето на СЈО во редовното обвинителство треба да биде во форма на одделение во рамки на Обвинителството за организиран криминал. Спорни се и кадровите решенија. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски повеќепати истакна дека Катица Јанева не ја оправда довербата и се докажа само како инструмент за политички прогон кон неистомислениците на премиерот Заев.

Ахмети: Предвремени избори не се опција ако нема договор

Предвремени парламентарни избори не се опција и ако нема договор за Специјалното јавно обвинителство, вели лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети.

„Мислам дека една таква опција не би била корисна, не би била функсионална. Решение не се предвремени избори, затоа што никој нема да даде гаранции дека ќе се постигне двотретинско мнозинство, ако се организираат предвремени избори“, смета претседателот на Интегративците.