Ги учам студентите дека изборите се начинот на кој се решава прашањето на легитимитетот или делегитимирањето. Тие се одамна веќе делегитимирани, оти кршењето на Уставот и законите значи делегитимирање. Референдумот, промената на Кривичниот законик, одлуката за референдумот, Законот за амнестијата…се` се тоа акти на кршење на Уставот и законите. Она што го сторија, а немаа легитимитет за тоа, е промената на името. Единствената промена што ја направија директно не` засега сите нас. Болно, страшно. Се` што сме правеле во животот, се што сме читале, пишувале, сонувале било врзнао за Република Македонија.
Ова го истакна кандидатот за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова на митингот во Кисела Вода.
-Никој нема право, односно нема мандат, ако на изборите, во изборната програма не го нотирал тоа дека ќе го прави, да го спроведува. Тоа е она што ние го велиме теорија на мандат, но тие ниту поим имаат од мандат. Тие се водат од начелото „фати го моментот“, земи се што ќе можеш, вработи ги своите, узурпирај ја економијата, стави го Уставот во џеб и се разбира биди покорен кон оние кои мислиш дека се посилни.