Поранешниот претседател на Перу им подлегна на повредите кои си ги нанел за да избегне апсење

Поранешниот перуански претседател Алан Гарсија починал во средата во болница од повредите кои си ги нанел со огнено оружје за да го избегне апсењето по обвинението дека примил мито во рамките на големата корупциска афера, соопштија властите.

Шеесет и деветгодишниот Алан Гарсија си пукал во главата во средата утрото во својот дом во главниот град Лима кога пристигнала полицијата за да го уапси во рамките на истрагата за примање мито, соопштиле полициски извори. Партијата на Гарсија ја објави веста за неговата смрт пред мноштвото насобрано пред болницата „Казимиро Улоа“.

Вешт оратор кој беше двапати избран за претседател на земјата, еднаш како левичар а вторпат како водечки политичар во промоцијата на странските вложувања и слободната трговија, Гарсија последните години беше обвинуван за корупција, а што тој редовно го отфрлаше. Беше еден од деветте лица за кои судијата издал налог за апсење во средата во рамките на судскиот процес за корупција во градежната компанија „Odebrecht“. Оваа компанија јавно призна во 2016 година дека добила вносни договори благодарејќи на мито, а станува збор за најголемиот корупциски скандал во Јужна Америка.

Гарсија ги отфрлаше сите обвинувања дека бил вмешан во аферата „Odebrecht“ и тврдеше дека против него се води политички прогон. „Некои може би се продавале, но не и јас“, рече уште во вторникот повторувајќи ја реченицата којашто често ја употребуваше кога политичките противници го поврзуваа со споменатата афера.

Министерот за внатрешни работи Карлос Моран изјави на прес-конференција дека Гарсија ѝ рекол на полицијата којашто дошла во неговиот дом дека треба да му се јави на неговиот адвокат. „Влегол во собата и ја затворил вратата зад себе. Неколку минути подоцна се слушнал истрел па полицијата насила влегла во собата и го нашла Гарсија како седи ранет во главата“, рекол министерот.

Минатата година Гарсија побара политички азил од Уругвај, по што му беше забрането напуштање на земјата за да го спречи да замине или да ја опструира истрагата.

Доколку беше уапсен, Гарсија ќе беше третиот претседател на Перу притворен поради аферата „Odebrecht“. Оланта Моизес Умала мина девет месеци во притвор во 2017 и 2018 година, а Педро Пабло Кучински беше уапсен минатата седмица. Четвртиот поранешен перуански претседател Алехандро Толедо води правна битка против екстрадиција од американската сојузна држава Калифорнија, откако во 2017 година судијата во Перу го осуди на казна од вкупно 18 месеци затвор поради вмешаност во аферата „Odebrecht“.