Израел им дозволи на христијаните од Газа да патуваат за Велигден во Ерусалим

Израелските власти во петокот објавија дека христијаните може да ја напуштат палестинската енклава Појасот Газа за да ги посетат Ерусалим и другата енклава Западниот брег (на реката Јордан) во текот на велигденските празници, откако оваа заедница се пожали дека властите не дале дозволи.

Оваа одлука е донесена врз основа на препораките на безбедносните служби, појаснил портпаролот на израелската влада.

Елиас Јелда, портпаролот на христијанската заедница во Газа, во петокот не го коментираше новото дозволување за патувања.

„Христијанската заедница во Газа не е официјално известена дека можеме да патуваме во Источен Ерусалим и на Западниот брег“, рекол Јелда во петокот и додал дека израелската позиција е „измамничка и тотално погрешна“.

Тој за германската агенција DPA во четвртокот рекол дека само 200 дозволи им се одобрени на христијаните од Газа повозрасни од 50 години, и тоа се дозволи да го посетат Јордан а не Ерусалим и Западниот брег.

„Не сакаме во Јордан, сакаме да одиме во Ерусалим и да се помолиме таму“, рече Јелда.

Христијанската заедница во Газа опфаќа околу илјада луѓе. Вообичаено Израел им издава меѓу 400 и 500 дозволи да ги посетат светите места во Ерусалим и на Западниот брег, двапати во годината, за Велигден и за Божик.