Навистина ли Заев ја разбра пораката, моли или се заканува

Речиси избришаната предност којашто до пред малку повеќе од една година ја имаа владејачките партии, во прв ред СДСМ, конечно го принуди премиерот Зоран Заев да се закани со „метла“ во ешалоните на власта. Или, сепак, само упатува молби и закани за манипулација во вториот изборен круг.

Првиот круг од претседателските избори покажа дека СДСМ и ДУИ загубиле околу 196.000 гласови споредено со претходното изјаснување кога освоија безмалку 422.000, беше причината за вчерашната драмолетка во скопски Карпош, и врачувањето на „метлата“ на Заев со која тој треба да го расчисти својот партиски двор, кога премиерот порача дека ја примил и тој, но и сите во СДСМ, пораката од слабиот резултат, најавувјаќи чистка во внатрешноста на моменталната владејачка партија.

 Пораката ја испративте, но немојте да ја казнувате државата заради некои наши слабости. Слабости има, но работиме и ќе работиме да ги исправиме. Разбрав, многу наши поддржувачи ми испратија порака: Еј ало, менувај нешто, не ја бива вака… Отворено зборувам, не да се заканувам некому, пораката ја примивме во првиот круг. Ова јасно им го кажувам на нашите поддржувачи кои решија да останат дома и кои се незадоволни од нас, од некои наши функционери, на локално или централно ниво… Најавувам дека секако ќе има чистка и секако ќе расчистиме. После изборите ќе се случат промените. Ќе дојдат нови и поучени од грешките на претходниците“, порача Заев.

Меѓутоа, според сѐ судејќи, вистинското прашање коешто треба да се постави дали Заев е сериозен. Или, пак, станува збор за уште едно негово лажно ветување во серија. И коешто претставува само додворување или замолница до гласачите да се избегне изборен пораз. Зашто уште од формирањето на неговата влада неколкупати најавуваше реконструкции на неговиот кабинет и во пониските функционерски ешалони, по жестоките реакции на јавноста на корупцијата, парискиот и роднински непотизам, паушалноста и неопрфесионалноста, во речиси секој ресор од централната до локална власт.

Заев, имено, повеќепати беше предупредуван од своите сегашни и поранешни сопартијци дека неговиот кадарски избор неминовно го подјадува партискиот рејтинг. Еве, за многу кусо време, доведувајќи го на ниво кое не гарантира останување на власт по следните парламентарни избори. Веќе зимата следната година.

И прашање е, исто така, дали на Заевиот СДСМ му остана кадар кој навистина може да ги исправи грешките во досегашното владеење на неговиот тим. А тие се толку големи, што тешко е замисливо дека некој и ќе сака да се нафати да ги поправа.

Покрај тоа, а како што веќе се случува, и во самата СДСМ ќе се постави прашањето дали Пендаровски бил вистинскиот избор. Односно уште еден кадровски кикс на Заев, кој отиде на консензуално договорање, поточно кажано избор на Али Ахмети, во одредувањето на претседателскиот кандидат.