Власта на Заев делегитимирана, ќе му помогне ли „чистката“?

Лошиот резултат од гласањето во неделата ги „стресе“ редовите на владејачката партија. Оценките се дека власта е делегитимирана и доби „црвен картон“ не само од своите поддржувачи, туку од сите граѓани.

Високото партиско раководство синоќа во партискиот штаб ги анализирање изборните резултатите. Незадоволен од постигнато претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев вели дека ја сфатиле пораката од гласачите и најавува „чистка“ во сопствените редови по завршувањето на гласањето.

„Отворено зборувам, не да се заканувам некому, пораката ја примивме во првиот круг. Ова јасно им го кажувам на нашите поддржувачи кои решија да останат дома и кои се незадоволни од нас, од некои наши функционери, на локално или централно ниво… Најавувам дека секако ќе има чистка и секако ќе расчистиме. После изборите ќе се случат. Промени. Ќе дојдат нови и поучени од грешките на претходниците“, порача Заев од синоќешната трибина во скопски Карпош.

Опозицијата децидна дека пораката што граѓаните ја испарија на 21-ви април не е давање шанса за поправка, туку јасен знак дека актуелната власта повеќе нема поддршка и ќе забележи пораз на овие, но и на следните парламентарни избори.

Сиљановска: Ваков колапс на легитимитетот за 18 месеци нема ни на едни европски избори

Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова вели во историјата не е забележано некоја власта само за 18 месеци владеење да загуби дури 40 отсто од поддршката.

„Не треба да сте експерт за избори за да заклучите дека во историјата на европските избори од каков било вид се нема случено ваков колапс на легитимитетот. Да изгубите за 18 месеци 40 проценти од гласачите, нешто околу 200.000 гласови. Тоа е силно предупредување, не само за пораз на претседателските избори, тука и за очекуван пораз на следните парламентарни избори, нагласи денеска кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Сиљановска Давкова.

Со свое видување и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој на Фејсбук напиша: „Не е до чистката, туку до тој што треба да исчисти, а името му е Зоран Заев.“

 “Ставот дека сите други погрешиле, но само тој е чист, е потценување на граѓаните”, напиша Мицкоски повикувајќи да се гласа за нивната опција во вториот круг на изборите на 5 мај.

Дел од вината зошто власта не успеа да го оствари проектираниот резултат на изборите за претседател се лоцира и во градоначалниците од редовите на СДСМ и нивното несправување со непосредните локални проблеми на граѓаните. Но, градоначалникот на Скопје и на општина Карпош велат гласачите не треба да го казнуваат Стево Пендаровски ако се незадоволни од нив.

„Благодарност до граѓаните за опомената што ни ја пратија. По изборите ќе се утврдува индивидуално одговорноста на секој поединечно во рамки на институциите што ги предводи. За нас во овој момент фокусот е на претседателските избори и ги повикувам граѓаните што помасовно да излезат, ако не биле задоволни од владеењето на СДСМ, не треба да ја казниме нашата држава и да ја вратиме децении и децении наназад“, вели скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Разликата помеѓу кандидатот на власта, Стево Пендаровски и кандидатката на опозицијата Сиљановска Давкова по првиот круг од гласањето е нешто над 4.000 гласови. Според податоците, Сиљановска Давкова има предност во околу 40 општини низ Македонија, а она што е клучно за опозицијата во голем дел од скопските општини, кои СДСМ ги освои на последните локални избори, има предност од неколку илјади гласови во однос на нејзиниот противкандидат.