Меѓународен театарски фестивал во МНТ од 25 мај до 5 јуни

Големи продукции и познати режисерски имиња ќе гостуваат на првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ, чиј домаќин ќе биде Македонскиот народен театар. Фестивалот ќе се одржува од 25 мај до 5 јуни.

На првото фестивалско издание ќе учествуваат националните театарски куќи на Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Грузија и од Азербејџан, и Театарот „Глоуб“ од Лондон  на великанот на  светската драматургија Шекспир.

На 25 мај фестивалот ќе биде отворен со „Како што милувате“ во режија на Леван Цуладзе на Државниот театар „Коте Марџијанишвили“ од Тбилиси, на 27 мај Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија ќе ја изведе „Лет над кукавичкото гнездо“ на познатиот режисер Александар Морфов, Националниот театар од Азербејџан ќе се претстави на 28 мај со „Мене…нас…“ во режија на Гунер Сатај, на 29-ти Црногороско народно позориште ќе ја изведе  „Everyman Dzilas“ на режисерката Радмила Војводиќ, „Медеја“ на Томаж Пандур во изведба на Хрватско народно казалиште ќе гостува на 31 мај, Народно позориште од Белград на 3 јуни доаѓа со „Народен пратеник“ на режисерот Саша Габриќ, а театарскиот бренд „Глоуб“ од Лондон на 5 јуни ќе има две изведби на „Хамлет“ (од 16 и од 20 часот) во режија на Доминик Дромгул и Бил Бакхарст.

Билетите за првиот Меѓународен театарски фестивал – МНТ ќе бидат по 300 денари за сите претстави, освен за гостувањерто на „Глоуб“ за кој влезницата ќе биде 500 денари.  На фестивалот ќе има и работилници и средби со учесниците, како и 50. изведба на монодрамата „Сребрена свадба“ на Катина Иванова.