Во Зајас се полнеле кутии со гласови за Пендаровски

Државната изборна комисија го поништи гласањето во избирачкото место 816 во селот Зајас, Кичево откако утврди дека во кутијата за гласање има четири ливчиња повеќе од бројот на гласачи потпишани дека гласале во Избирачкиот список.

За ова избирачкот место приговор достави овластен претставник на кандидатката на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова поради сомнение дека е направен прекршок со полнење на кутиите со гласачки ливчиња бидејќи според податоците на ДИК само во периодот од 15 до 17 часот гласале 297 граѓани или како што рече на секое 24 секунди гласал по еден граѓанин.

По неколку пребројувања членовите на ДИК утврдија дека во Избирачкиот список стојат потпишани 412 гласачи, а во извештајот на Избирачкиот одбор доставен до ДИК е наведено дека гласале 416.

На ова избирачко место, Пендаровски освоил 343 гласа, Силјановска Давкова освоила 1 глас, а Река 6 гласа, по пребројувањето во ДИК.

Според податоците претходно доставени во ДИК, пак, на ова избирачко место кандидатот на владејачката СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, освоил 384 гласа, кандидатот поддржан од Алијанса за Албанците и движењето Беса, Блерим Река освоил 5, а за Силјановска Давкова гласал само еден. Неважечки се 26 ливчиња.

Покрај ова, Изборната комисија на денешната седница поништи гласање и на шест други избирачки места од вкупно 14 за кои имаше поднесено приговори.

Поништени се гласањата на две избирачки места во Кавадарци, и по едно во Центар, Куманово, Охрид и Аеродром и Зајас.

Членовите на ДИК одлучија да ги прифатат приговорите и да го поништата гласањето бидејќи во најголем дел од посочените избирачки места во гласачктие кутии има повеќе ливчиња од бројот на лица кои се потпишале дека гласале во Избирачкиот список.

На избирачко место во Охрид на список на граѓани кои го искористиле правото на глас имало 42 запишани, а во гласачките кутии 82 ливчиња. Во записникот било констатирано дека на почетокот на граѓаните им биле давани по две ливчиња и за претседателските и за локалните избори, а им било кажано да се потпишат само во списокот за гласање за градоначалник. Оваа бројка беше констатирана и по отворањето на материјалот, по што гласањето беше поништено.

На овие избирачки места нема да се прегласува, бидејќи резултатот од избирачките места не влијае на конечниот резултат. Сите 14 приговори беа поднесени од овластени претставници на претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска Давкова.

За претседателот на ДИК, Оливер Дерковски денешните приговори се показател дека една од најголемите слабости во изборниот систем е квалитетот на избирачките одбори и дека токму решавање на оваа слабост ќе биде прва задача на Изборната комисија по завршување на претседателските избори.

„Во повеќето од нив од нив може да се утврди дека нема никаква намера, туку дека се работи за неодговорно работење на избирачките одбори и оти тоа мора да се санкционира. ДИК во комплетен состав го констатира тоа и без да размислува ги констатира слабостите и предлага разрешување на избирачките одбори за подобрување на изборниот процес и во вториот круг да не се повторат ваквите работи“, рече Дерковски.