ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесува Кривична пријава против Петре Шилегов, градоначалник на Скопје и две непознати правни лица, за Злоупотреба на службена должност и овластување, како и несовесно работење согласно член 353 од КЗ, потоа за Бесправно градење чл. 244 од КЗ, како и Поткуп при избори и гласање чл. 162 од КЗ.
Имено, на 24-ти април преку медиумите Шилегов најави започнување на градба на булеварот АСНОМ и изградба на мост од Аеродром кон Ќерамидница. Шилегов за истото се пофали и преку социјалните медиуми, проследено со фотографии од градежните работи, изјави Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ која додаде:
„Од допрен глас имаме сознанија дека започната изградба проширување на булеварот АСНОМ се прави без одобрение за градба и тоа од непознат изведувач на градба и од непознат надзор на градба, со што постојат сомневања за сторени кривични дела. За проектот изградба, во првата фаза- проширување на булевар АСНОМ, ќе се потрошат над 50 милиони денари, а за истото нема одобрение за градба, што се потврдува и на лице место на градежните работи не е поставена табла на која треба да е напишано и бројот на решението за градба и имињата на изведувачот и на надзорот на градежните работи“, рече советничката во Град Скопје.
Според Колариќ, уште поважно е што ова кривично дело се прави во временски период во Изборна кампања, односно пред вториот круг на претседателските избори на 5-ти мај.
Со Кривичната пријава која ја поднесуваме бараме од Јавниот обвинител да постапи согласно овластувањата и да направи увид за да ја утврди фактичката состојба на градежните работи на булевар АСНОМ и да направи увид во градежната документација која ја поседуваат Град Скопје и Петре Шилегов. Очекуваме Јавниот обвинител веднаш да постапи согласно временскиот изборен рок и да го приведе Петре Шилегов на службен разговор, веднаш по враќањето од Барселона Шпанија каде што беше забележан на фудбалскиот стадион Ноу Камп, посочи Колариќ.
Претставничката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочи дека доколу Обвинителството не го стори тоа, постои можност Шилегов да го прикрие трагите и доказите, па ова кривично дело, како што рече Колариќ, да мине неказнето. Со тоа, додаде Обвинителството наместо бранител на правадата ќе стане соучесник.
Почитувани, ова е само едно од низата кривични дела со кои СДСМ се служи во оваа изборна кампања. Соочени со поразот, СДСМ и нејзините претставници од централната и од локалната власт посегнуваат по криминогени делувања, за повторно со лаги да поткупат што поголем број на гласови. Време е во Македонија да завладее правото, да завладее правдата. Правдата е на дофат и правдата ќе победи на 5 мај“, заклучи колариќ.