Американски носач на авион испратен на Блискиот исток поради „закана“ од Иран

Американскиот министер за одбрана Патрик Шанахан изјави во понеделникот дека го одобрил испраќањето на групата на носач авиони и бомбардери на Блискиот исток поради „убедливата закана од силите на иранскиот режим“, но не изнесе поединости за тоа на кои разузнавачки податоци се темели неговата одлука.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, претходно во неделата рече дека САД ја испраќаат групата на носачот на авиони „Абрахам Линколн“ на Блискиот исток, за да му испратат порака на Иран.

„Станува збор за смислено преместување на силите како одговор на индициите од веројатна закана од силите на иранскиот режим. Го повикуваме иранскиот режим да ги прекине сите провокации. Ќе го сметаме иранскиот режим одговорен за секој напад врз американските сили или нашите интереси“, напиша на Twitter Шанахан.

Иако ниту Шанахан, ниту Болтон не изнесоа детали за разузнавачките податоци, а други американски функционери рекле за Reuters дека постојат „повеќекратни веродостојни закани“ од Иран за американските копнени сили, вклучително и оние во Ирак, како и за поморските.

Сепак, се поставува прашањето кој метод на собирање на разузнавачките податоци е користена во случајот, колку тие се релавантни и во што овие закани се разликуваат од вообичаенатата загриженост на Вашингтон во однос на иранските воени активности во регионот.

Пентагон во понеделникот во соопштение наведе дека овој потег е преземен како реакција на „индициите на засилена иранска подготвеност за водење офанзивни операции против американските сили и интереси“. Американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој учествува на состанокот на Арктичкиот совет во Финска, истакна во понеделникот дека САД забележале активности во Иран кои упатуваат на можна „ескалација“.

Иако Иран сѐ уште ниту вербално официјално нема одговорено на неодамнешните распоредување на американските војски, иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф неодамна за Reuters рече оти не верува дека американскиот претседател Доналд Трамп сака војна со Иран, но дека ткн „Би-тим“, кој ги подразбира Болтон и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, би можеле да го наведат Трамп на судир со Техеран.

Три американски функционери рекле за Reuters, под услов да останат анонимни, дека покрај заканите за американските сили во Ирак, постои загриженсот и за американските сили во Сирија и во блиските води. Еден од нив рекол дека постојат податоци за места на можни напади врз американските сили, па дури и кога тие би можело да се случат. Фунцкионерот додал дека не се загрозени само американските сили во Ирак, туку и оние кои доаѓаат во ова подрачје или заминуваат од него. Групата на носачот на авиони „Абрахам Линколн“, која е испратена на Блискиот исток, и претходно требало да биде упатена во регионот, но сега тоа било забрзано поради заканата, додал друг американски функционер.

Обидите на администрацијата на претседателот Трамп да наметне политичка и економска изолација на Иран започнаа минатата 2018 години кога еднострано САД се повлекоа од нуклеарниот договор кој беше потпишан и од страна на другите светски сили со Техеран кон крајот на 2015 година.