СЗО: Во Европа во првите два месеца 34.000 случаи на зараза со сипаници

Во првите два месеца од 2019 година се евидентирани повеќе од 34.000 случаи на зараза со мали сипаници, од кои најголем број се во Украина, извести во вторникот Светската здравствена организација (СЗО – WHO), повикувајќи ги здравствените власти да обезбедат вакцини за сите, особено за здравствено најчувствителните групи на деца и возрасни.

Од 34.300 заразени во 42 земји во европскиот регион, во јануари и февруари годинава пријавени се 13 смртни случаи како последица од инфекцијата со сипаници. Најголемиот број смртни случаи се регистрирани во Украина, каде што, како и во Романија и во Албанија во споменатиот период е прогласена епидемија од морбили. Од СЗО предупредуваат дека епидемијата би можело да продолжи да се шири.

„Доколку не се реагира правовремено и доколку вакцинирањето не биде сеопфатно, вирусот ќе најде начини да стаса до најзагрозените поединци и потенцијално ќе се прошири на други држави во регионот и надвор од него“, се вели во соопштението на СЗО и се додава дека траба „да се искористи секоја можност за вакцинирање на чувствителните деца, адолесцентите и возрасните лица“.

Сипаниците се многу заразно заболување кое може да резултира со смрт на заразеното лице, но и со губење на видот, слухот или отшетувања на мозокот. Заразата спречува само со две дози од многу ефикасна вакцина, меѓутоа делумно и поради големиот број невакцинирани моментално се шири и на другите делови од светот, меѓу кои се земји како САД, Филипини и Тајланд. Во Европа, пак, најголем број случаи на зараза на почетокот од 2019 година се регистрирани во Украина. Таму во првите два месеца од годинава се евидентирани повеќе од 25.000 заразени.

Нема специфичен антивирусен лек за сипаниците, предупредуваат од СЗО и повторуваат дека заразата може да се спречи исклучиво со вакцинирање. Повеќето случаи се јавуваат во земјите во коишто има многу невакцинирани, односно недоволно вакцинирани за да се создаде таканаречен „имунитет на стадото“. Тоа значи дека доколку за одредена болест вакцината ја добиле доволен број луѓе, ќе бидат заштитени и оние кои не се вакцинирани.

Доколку се вакцинирани доволно лица, а тоа не е мала бројка меѓу 90 и 95 отсто, ќе биде оневозможено брзо пренсување на вирусот. Кога во една заедница е вакциниран доволен процент луѓе заразата ќе се спречи, бидејќи вирусот нема да успеа да најде пат до невакцинирано лице. Тоа е многу важно за да може да се заштитат лица кои не смеат да се вакцинираат, како што се имунокомпромитираните или алергични деца.

Иако во европскиот регион глобално во текот на 2017 година е забележана најголема покриеност со втората доза од вакцината, односно 90 отсто, во некои земји е евидентиран многу помал број на вакцинираните, поради што болеста брзо се прошири.

СЗО ги повикува државните здравствени институции во целиот регион да гарантираат доволни количества вакцини за сите возрасни групи. „Додека болеста на биде ставена под контрола, негативното влијание врз јавното здравство ќе продолжи“, се наведува во извештајот на организацијата и се додава дека здравствените институции би требало „да утврдат на кој дел од популацијата во минатото бил ускратен од вакцинирање и потоа да извршат имунизација“.

Во минатомесечниот извештај на УНИЦЕФ беше истакнато дека во последните осум години повеќе од 20 милиони деца годишни го пропуштаат вакцинирањето против сипаници, што е основа за развој на опасна епидемија.