Лавров им порача на САД дека недовербата штети на безбедноста на двете земји

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го предупреди својот американски колега по должност Мајк Помпео кој во вторникот престојува во посета на Русија, дека недовербата меѓу поранешните ривали од периодот на Студената војна им штети на двете земји.

„Оваа недоверба којашто постои меѓу нас им штети и на вашата и на нашата безбедност“, му порачал Лавров на Помпео во текот на нивната средба која траеше три часа во црноморското летувалиште Сочи.

„Мораме повторно да ја изградиме довербата на сите нивоа од нашиот дијалог“, порачал шефот на руската дипломатија, а американскиот државен секретар истакнал дека дошол во посета на Русија бидејќи американскиот претседател Доналд Трамо е „решителен во намерата односата мѓу двете земји да се подобрат“.

„Не сме соперници по сите прашања“, рекол Помпео потсетувајќи особено на искуствата од антитерористичката соработка со Русија којашто „спасуваше американски и руски животи“.

Помпео, според планот, требаше во понеделникот да пристигне во Москва, но го одложи тој дел од патот и отпатува во Брисел каде со американските сојузници разговараше накусо за „најновите заканувачки постапки“ од Иран.

Иран, кој има добри односи со Русија, минатата седмица објави делумно суспендирање на своите обврски од нуклеарниот договор потпишан во 2015 година со шесте светски сили, од кој минатата 2018 година САД еднострано се повлекоа наметнувајќи нови санкции против Техеран. Лавров тогаш го обвини Вашингтон за „неодговорно однесува“ во поглед на глобалната стабилност.

Вашингтон минатата седмица во водите на Блискиот исток го распореди воениот брод „USS Arlington“ со противоздушниот ракетен систем „Patriot“ на Блискиот исток. Новата борбена група е испратена со седмици пред предвидениот рок, слично како и групата на носачот на авиони „USS Abraham Lincoln“ кој е испратен во истиот регион минатиот викенд, а што треба да претставува јасна порака за Иран. Во американската воена база во Катар пристигнаа и бомбардерите „B-52“, објави централната американски команда CENTCOM, објаснувајќи ги потегот како одговор на наводните закани од Иран.

Мајк Помпео кон крајот на денот ќе се сретне и со рускиот претседател Владимир Путин, Според најавата, ќе разговараат за контролата на нуклеарното вооружување, особено во однос на Иран и Северна Кореја, но и за кризите во Венецуела и конфликтот во Сирија.