Сопственик на прилепски елитен клуб обвинува за политичко-полициски рекет

Урбаниот хаос во Старата прилепска чаршија, очигледно, се повеќе си го зема својот данок. Последните случувања од пред три дена кога комуналните инспектори, со асистенција на полицијата, бесправно  го запленија  целокупниот инвентар од елитното кафуле „Галери хаус паб“, сместено во строгиот центар на градот, се чини ја отворија прилепската Пандорина кутија за тоа што се’ се случува во последно време при  владеењето со угостителските објекти во срцето на Старата чаршија, објави Канал 3

Имено, откако денеска добил извесни, сигурни информации од луѓе од прилепската Полиција, дека целата завчерашна „гунгула“ била со цел – „Пабот“, наместо досегашниот угостител Бисерко Тркља, под кирија да го земел друг човек, најверојатно близок до власта, се огласи сопственикот на дотичниот деловен простор, Киро Стојаноски, кој најотворено обвини, како што самиот рече, за невидени „политичко-полициски“ притисоци и рекет. Според Стојаноски, локалните политички и полициски моќници се намерачиле на неговиот објект, бидејќи уште тој останал во Чаршијата, а кој не бил во нивно владение. Меѓутоа, тој е дециден во одлуката – објектот повеќе да не го издава на физички лица, бидејќи се плаши дека секој нареден кираџија, доколку не е по мерка на власта, ќе бидел изложен на вакви притисоци, финансиски загуби и рекетирања.

Стојаноски вели дека „Пабот“ е камен на сопнување веќе неколку години, а чашата се прелеала мината година кога во истиот беше подметнат пожар и беше предизвикана штета од околу 150.000 евра, и кога во опасност беше доведена и целата Стара чаршија. Пироманот веднаш беше откриен и приведен, но набрзо и ослободен, а случајот, и по година и пол од пожарот, се уште е во судска постапка. По завчерашниот втор обид за заплашување, Стојаноски го контактирал пратеникот Хари Локвенец, кој, пак „љубезно“ го одбил со образложение дека тој како пратеник немал никаква надлежност за да интервенира на било кој начин, а со цел надминување на проблемот.

Видно револтиран од, како што вели, ваквиот маафијашки однос кон него, Стојаноски потсети и на тоа дека речиси сите елитни угостителски објекти во централното градско подрачје ги завладеал токму министерот за транспорт и врски, односно негови блиски луѓе, па, иронично се прашува – дали во таа низа им недостасувал само уште „Пабот“, кој, за волја на вистината, ја има и најелитната локација ?!

Свесен дека ова нема да заврши лесно, Стојаноски упати и јавен повик до премиерот Зоран Заев, за да го примел на разговор, за, како што рече, да му ја кажел целата фактичка состојба, со имиња и презимиња, за тоа кој урбан, мафијашки хаос се случувал во прилепската Чаршија.

Исто така, Стојаноски, со силна доза на иронија и сарказам, порача дека „Пабот“, евентуално можел да му го даде со кирија само на Али Ахмети, за отворање на седиште на ДУИ, бидејќи само него никој не можел ниту да го запали, ниту бесправно да му го одземе инвентарот, рече Стојаноски.

Ставовите на сопственикот на „Пабот“, Киро Стојаноски се пренесени интегрално и како што ни изјави, и морално и материјално стои зад секој свој искажан збор.