Бајден го осуди гневот кај демократите и вети единство

Поранешниот американски потпретседател Џозеф Бајден во саботата го осуди „гневот“ во неговата Демократска партија и вети дека ќе работи на единството на земјата по републиканскиот претседател Доналд Трамп.

Бајден на собир во рамките на неговата кампања за добивањето на демократската номинација за претседателските избори во 2020 година во центарот на Филаделфија го обвини Трамп како главна личност која била одговорна за поделбите во САД.

Ги критикуваше, меѓутоа, и деморкатските претседателски кандидати, сугерирајќи дека нивниот гнев насочен кон Трамп не е доволен за победа на претседателските избори на кои републиканецот најави дека повторно ќе се кандидира и очекува од таборот на демократите да му се спротистави токму Бајден или сенаторот Берни Сандерс. Бајден рече и дека неговата порака е директно упатена до демократите, републиканците и независните гласачи.

„Земјата е уморна од поделби, борби, детско однесување… Доколку американскиот народ сака претседател кој е причина за поделби, владее со стисната тупаница и тврдо срце за да ги оцрни своите противници и да шири омраа – не сум им потребен, го имаат Доналд Трамп“, рече Бајден.

Ова беше негов прв голем предизборен собир, на кој според процените на медиуми присуствувале околу 6.000 луѓе. Бајден рече и дека Трамп претставува „закана за демократијата поради неговите напади врз правосудството, Конгресот и новинарите“. „Тираните и диктаторите од целиот свет го користат истиот јазик за да ја задушат опозицијата“, рече Бајден.