Аферата „Нефа мебел“ ќе ја истражува финансиската полиција

Службите во координирана акција на терен го истражуваат случајот со НЕФА мебел откако компанијата ги затвори сите продавници и стотици граѓани останаа без своите платени нарачки.

Државниот пазарен инспекторат ги повикува засегнатите граѓаните да го пријават својот случај во пазарната инспекција. До сега, само во Скопје пристигнати се триесетина претставки од потрошувачи кои платиле, а не ја добиле својата нарачка.

По барање на пазарната инспекција, податоци за компанијата прибира и Финансиската полиција.

Од Јавното обвинителство потврдуваат дека МВР веќе презема дејствија за утврдување на факти и прибирање податоци потребни за натамошниот тек на постапката. По доставување на прибраниот материјал во Јавното обвинителство, надлежен јавен обвинител ќе донесе одлука за натамошно постапување.

Од Руската амбасада за Сител велат дека тие немале контакт со претставници на оваа компанија, ниту имаат информации дали навистина се работи за руска инвестиција. За случајот и тие дознале преку медиумите.

Освен во Македонија, Нефа ги затвори сите свои салони и во Србија, како и фабриката за производство на мебел во Врање.

Главното прашање што сега се поставува е кој ќе ги обесштети граѓаните. Има стотици измамени, и постојано пристигаат претставки до Државниот пазарен инспекторат и до Министерството за внатрешни работи. Во меѓувреме, измамените граѓани си ги бараат назад дадените пари, или пак парчето мебел што го нарачале.

Со отворено писмо кое го пренесуваат српските медиуми се огласи и рускиот газда Андреј Ходашевич кој тврди дека никој од вработените и купците нема да биде измамен и сите до 31 мај ќе си ги добијат парите.