Жбогар: Препораката на ЕК е многу јасна, исполнети се условите за добивање датум за преговори

Во Извештајот кој денеска го презентирав се зборува за промените и навистина ми е драго што се јавуваат промени во начинот на размислување, а ништо не го потврдува тоа од денешниот состанок на кој на една маса имавме претставници од сите политички партии и сите засегнати страни кои зборуваат за иднината на оваа држава во Европската унија, рече амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар по предавањето на Извештајот на Европската комисија на шефот на државата во Вила Водно.

Според Жбогар, тоа претставува охрабрување за новото време кое доаѓа за државата и за иднината што неа ја чека, нарекувајќи ја земјава уникатна држава во Западен Балкан.

„Република Северна Македонија е навистина уникатна држава во Западен Балкан, уникатна е на посебен начин. Собранието е единствениот парламент во регионот во кое опозицијата и власта седат заедно внатре и дискутираат за законите кои треба да ја подобрат државата и судството, но и единствената земја во регионот која нема никакви проблеми со соседите, туку напротив развива многу добри односи со нив и тоа не само со соседите, туку со сите земји во регионот“, истакна Жбогар.

Евроамбасадорот повтори дека препораката е многу јасна и дека сите услови што биле поставени од страна на земјите членки на ЕУ во јуни 2018 година се исполнети за добивање датум за преговори.

„Државата е подготвена токму сега да ги започне преговорите. Секако работата не треба тука да престане, реформите треба да продолжат и очекувам ентузијазмот да продолжи и во иднината“, потенцираше Жбогар.

Претходно високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини на презентацијата на „Пакетот проширување, рече дека врз основа на строга и фер проценка, оваа година по вторпат Европската комисија препорачува отворање преговори со Албанија и со Северна Македонија.

Овие две земји, како што рече Могерини, го завршија својот дел од работата и сега е на ред Европската унија да ја исполни својата улога. Сега, очигледно, по нашата препорака, топката е кај Советот на Европа.

„Северна Македонија и Албанија ја прифатија можноста и ги спроведоа реформите. Историскиот Преспански договор со кој се става крај на спорот за името со Грција и зајакнување на добрососедските односи, како што беше направено со Бугарија, е нешто што сите го цениме, го признаваме и го вреднуваме како историска пресвртница, на само за земјата, туку и за регионот“, изјави Могерини на денешната заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Гдинава, еден дел од извештајот е посветен и на активностите на Кина во регионот, но еврокомесарот Хан истакна дека Еврокомисијата не го критикува присуството на таа земја, туку поголемо внимание е посветено на почитувањето на европските стандарди кога е во прашање конкуренцијата и јавните набавки, како и последиците од финансиските активности. На денешната прес-конференција во Брисел и комесарот Хан го поздрави напредокот на Северна Македонија и Албанија.

„Албанија и Северна Македонија ја прифатија можноста од обновената агенда за проширување, и ги испорачаа реформите. Северна Македонија не само што ја продолжи својата амбициозна реформска агенда, туку и постигна историски договор со Грција, решавајќи 27-годишен спор за името, што е пример за целиот регион и пошироко. Албанија спроведува длабоки реформи, особено голема трансформација на својот правен систем. Сите овие напори се сведоштво за моќта на привлечноста на Европската унија“, потенцираше Хан.

Истакна дека почетокот на преговори не значи дека тој процес ќе биде завршен утре или задутре, туку станува збор за долготраен процес, кој трае неколку години. Хан потсети дека целиот процес со Хрватска, која последна се придружи кон ЕУ, траел речиси осум години.

„Нереално е да се верува дека новиот процес за пристапување за други држави ќе биде покус, но се се заснова на остварени резултати на индивидуално ниво и тоа не ја исклучува можноста некои земји да ја завршат работата побрзо од други. Но, целиот процес е најдобра алатка за прилагодување кон европските стандарди“, нагласи потенцира Хан.

Изрази надеж дека Советот на ЕУ адекватно ќе реагира на она што се наоѓа во документот за проширување и дека потребните одлуки ќе бидат донесени час поскоро.