Поради поплавите во Србија е прогласена вонредна состојба

Евакуирани се пет лица поради поплавите во околината на Краљево и Чачак, а автобус со 15 лица, кој поради големите дождови се заглавил на патот Краљево-Крагујевац успешно е извлечен, пренесуваат српските медиуми.

Три лица биле евакуирани во околните места на Краљево, а две во местото Вича кај Чачак, изјавуваат од српското Министерство за Внатрешни работи.
Последните информации се дека селото Вича, во општината Лучани, речиси целосно е под вода, а како што пренесува курир.рс многу села од западниот дел на Србија исто така се зафатени со големи поплави.

Вонредната состојба во Србија е воведена поради актуелните прогнози за пораст на водостојот на територијата на целата земја, кои ги издаде Републичкиот хидрометеоролошки завод.
Најавено е дека повторно се очекуваат значајни и обилни врнежи, кои можат да предизвикаат поплавувања на сливови на сите речни текови на сите водни подрачја, во надлежност на ЈВП Србија воде, соопшти компанијата.