Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка до припадниците на исламската вероисповед по повод празникот Рамазан Бајрам:
Почитувани верници од исламска вероисповед,
Дозволете ми во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ да ви го честитам големиот верски празник Рамазан Бајрам.
Денешниот празничен ден претставува радост, но воедно промовира моменти на хуманост, солидарност и меѓусебно почитување. Овие вредности кои се втемелени во традицијата треба да помогнат во градење и зацврстување на соживотот и толеранцијата како основа за благосостојбата во нашето општество.
Само сплотени и обединети можеме да се спротивставиме на предизвиците, да ги решаваме проблемите и да изградиме успешна држава и просперитетна иднина за нас и нашите идни генерации.
Сите граѓани го споделуваат тешкиот живот. Сведоци сме како се разочарани очекувањата на луѓето, како наместо вистински проекти и решенија добиваат нереален романтизам кој не носи подобар живот. Тие се злоупотребуваат од неодговорните политичари и не носат иднина. Иако од различни заедници и вери граѓаните имаат исти проблеми, а за нивно решавање не е е потребен романтизам туку работа, многу работа. Секојдневието полно со криминал, корупција и лош стандард еднакво ги засега сите граѓани.
Затоа во овие тешки моменти и премрежија со кои се соочува Република Македонија потребно е да се почитуваме, помагаме и негуваме подобри односи со блиските и пријателите, за да можеме да се посветиме на создавање праведна, напредна и почитувана држава на среќни граѓани.
Нека овие празнични мигови во денешниот ден донесат мир, радост и хармонија, но воедно и среќа и благосостојба кои ќе ве следат целиот живот, Вас и вашите семејства.
Со почит,
Христијан Мицкоски,
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ