Зголемување на субвенциите за 800 денари по грло или воведување интервентна мерка – поддршка за предадено грло во кланичен капацитет, ќе побараат од државата одгледувачите на овци.
Овие две опции тие ќе ги разгледаат утре, на состанок во Тетово, а целта е, како што велат, изнаоѓање најсоодветно решение за одржливост на овчарството.
Не можам да прејудицирам колкава поддршка ќе бараме зашто загубите во производството се различни зависно од регионот. Ќе почекаме за тоа оценка да даде Институтот за сточарство. Според нашите пресметки, би требало да биде 40 денари за килограм предадено јагне во капацитет или околу 1.000 по грло предадено во кланичен капацитет, вели за МИА претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Никола Георгиев.
Колкаво да биде зголемувањето на субвенциите би требало најреално да се знае по 30 јуни, до кога е пролонгиран и рокот за пријавување. Како што додава Георгиев, пријавувањето всушност ќе ја прикаже бројната состојба на овците во земјава.
Кампањскиот откуп е завршен и заклучено со православниот Велигден извезени се 180.000 јагниња, додека досега бројката е околу 200.000. Лани вкупно беа извезени 198.000 грла. Очекуваме надминување иако моментно ситуацијата со извозот е статус-кво, нагласува Георгиев.
На утрешниот состанок во Тетово, покрај одгледувачите ќе присуствуваат и претставници од Министерството за земјоделство и од Јавното претпријатие за пасишта. Освен за актуелната состојба во овчарството, ќе стане збор и за претстојните Овчарски денови кои традиционално се одржуваат секој 7 јули на Бистра.