
Во првите пет месеци од годинава извршени се околу 50 илјади контроли за безбедност на храната во земјава и се поднесени две кривични пријави против оператори што го загрозиле здравјето на луѓето со пуштање незбезбедна храна во промет. Во едниот случај има и доказ за штетна последица кај корисникот.
Како што соопшти Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, која денеска организираше тркалезна маса за првото одбележување на Светскиот ден на безбедна храна, во земјава се јаде безбедна храна. Таа се испитува по стандарди на ЕУ зашто и законодавството во оваа област е усогласено 88 проценти со европското. Агенцијата изработува посебни програми за присуство на хемиски, биолошки и физички контаминенти и е законски обврзана да прави контроли во маркетите. Покрај документација, се земаат и мостри и се носат во лабораторија на испитување.
„Во светот вкупно 600 милиони луѓе се погодени со алиментарна интоксикација, односно во просек заболува еден на десет луѓе, во Македонија минатата година се пријавени девет случаи, меѓутоа само во пет е потврден причинителот за труење со храна“, истакна Атанасов.
Најчести недостатоци што се откриваат се фалсификување односно употребува на лажни етикети и прикажување на друг производ. Атанасов го посочи минатогодишниот случај на измама со мелено месо за што беа казнети седум оператори. Контролата тогаш утврдила дека во свинско или говедско месо се ставало пилешко месо и не било декларирано.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија апелираат потрошувачите да внимаваат што купуваат, да ги читаат декларациите и рокот на производите и да реагираат до надлежните во продавниците за да ги отстранат недостатоците. Особено да се внимава на млечните и месните производи кои се најлесно расипливи.
Татјана Тасевска, претставник на Организацијата, изјави дека се намалува бројот на приговори за храната.
„Приговорите, главно, се однесуваат на декларациите на производите, дека се нецелосни или нечитливи, се уште се затекнуваат и производи со поминат рок во продавниците. Секако има и приговори за неквалитетни производи“, рече Тасевска.