
Димче Арсовски,портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, на вчерашната прес конференција го обвини министерот за здравство Венко Филипче дека и покрај сите јавни обелоденувања на скандалот со тендерот за стерилизација, ги протурка фирмите за кои јавно се алармираше дека се сомнителни и дека целиот тендер го прават скандалозен.
„Предупредивме дека тендерот е наменет за фирма поврзана со албански бизнисмен, која има врска со тендерот за стерилизација во Албанија каде што истата фирма е кривично гонета. Се работи за 2 фирми кои се активни на тендерот поврзани со албанскиот бизнисмен Илир Рапај“, рече Арсовски.
Фирмите „Е вита Албанија“ и „Стери Мед Италија“, како што обвини Арсовски, се поврзани со Илир Рапај преку негови фирми и со негови бизнис партнери. „Конзорциумот „Инвестал“ каде што има 40 отсто од акциите истиот Илир Рапај, е поврзан со фирмата „Е Вита“ Албанија, а е составен од 3 компании. „Инвестал“ е основан и регистриран во Косово, а за фирмите поврзани со Илир Рапај и неговите бизнис партнери веќе се водат истраги во Албанија и во Италија.
„Втор пат јавноста ве фаќа во лага и во обид да наместите тендер за кој однапред се знаеше кој ќе го добие. Втор пат дрско се обидувате да ги измамите и изманипулирате граѓаните и да испрофитирате лично од сето тоа. После ваква втора грешка редно е да си дадете оставка веднаш и да не ја чекате метлата и да заминете од министерската функција“, рече Арсовски.