Препукувања меѓу лекарскиот Синдикат и Комората за Нацрт законот за лекарска дејност

Самостојниот синдикат на Клинички центар (ССКЦ), реагира дека Нацрт – законот за лекарска дејност во основа делува како мешавина на постоечки закони и има за цел прекумерно давање моќ на Лекарската комора на Република Северна Македонија.

Во вчерашното соопштение, Синдикатот предлага изготвување на нов нацрт закон за докторска дејност и информира дека доколку остане овој нацрт закон, нема да учествува во јавната и собраниска расправа за негово усвојување.

Според ССКЦ, станува збор за лоша копија на претходно изготвениот Предлог-закон за докторска дејност на Лекарската комора на Македонија од 21 април 2016 година и со него нема или е многу мала ползата за докторите на медицина, а притоа јасно се дефинирани нивните должности и обврски.

„Изготвувачите и предлагачите на нацрт законот за лекарска дејност наместо да ја преземат одговорноста и оправдаат доверената улога и чест, избегнаа законски да ја утврдат минималната основна плата за докторите на медицина во јавното здравство со цел да се дефинира нивниот статус во Републиката, многу одамна и силно етаблиран во високоразвиените демократии во светот, и кој докторската фела неспорно го заслужува“, стои во соопштението на ССКЦ.

Особено понижувачки и спротивно на дипломата за завршен Медицински факултет и постоечкиот Закон за здравствената заштита, од Синдикатот наведуваат дека со овој нацрт закон докторот на медицина се дефинира како лекар на медицина, звање кое не е препознатливо во високоразвиените земји.

„На докторите на медицина вака предложен Закон не им е потребен. На Синдикатот на Клинички центар добро му е познато дека евентуалните измени и дополнувања на овој Нацрт Закон во текот на јавната и собраниска расправа ќе бидат без никаква суштинска добивка за докторите на медицина“, се наведува во соопштението.

На овие обвинувања реагираа од Лекарската комора.

„Во текот на минатата недела Комората официјално веќе даде забелешки и свои предлози за подобрување на понудените решенија околу правото за дополнителна дејност, на одредбите за плати и некои други одредби. Тие се, меѓу другото, вреднувањето на докторската дејност да се определува согласно должината на образованието, специјалистичкото односно супспецијалстичкото усовршување и континуирана едукација во смисла на обновување на лиценцата за работа, околу  основната нето плата… потоа, се бара либерализација на дополнителна дејност по хоризонтала и вертикала и таа да се обавува и во јавна и во приватна здравствена установа, цените на услугите да се определуваат според пазарот и друго.

„Констатацијата дека со предложените одредби новите решенија имаат за цел прекумерно давање моќ на Лекарската комора на Република Северна Македонија, како и некои други забелешки околу целиот проект, во интерес на докторската професија и нејзиното достоинство, во овој момент не би ги коментирале. Како професионлна асоцијација, Комората е изненадена и јавно прашува зошто Самостојниот синдикат на Клинички центар не реагира со своите забелешки и коментари на предложените одредби преку ЕНЕР-от и надвор од воспоставената поцедура и избира токму во овој момент да се огласи со соопштение, иако текстот на законскиот проект е поставен на ЕНЕР уште пред околу три недели“, стои во писмената реакција на Комората.