Репрезентативниот голман на Летонија доаѓа во РК Вардар

Актуелниот европски ракометен шампион скопски Вардар прави напори и во следната сезона да има стабилна голманска позиција откако редовите на „црвено-црните“ ги напушти Дејан Милосављев, па како замена за српскиот голман во Скопје  пристигнува репрезентативниот голман на Летонија, 26-годишниот Кугис Артурс.

Овој голман во репрезентацијата на Летонија е соиграч со Даинис Криштопанс, а посебно се прослави во квалификациите за Европското првенство во 2020 година.

Во натпреварот против Словенија, Криштопанс постигна 13 гола, а Арутрс во последните секунди одбрани седмерец и Летонија победи со 25:24.

Кугис самиот потврди дека потпишал договор со Вардар.

„Навистина сум среќен што потпишан договор со Вардар, и ќе бидам дел од еден од најдобрите спортски тимови во ракометот. Се разбира со потпишувањето на овој договор си поставив и цел да бидам најдобар што можам. Скопје за мене е центарот на ракометот. Се надевам заедно можеме многу да постигнеме. Сакам да се заблагодарам на клубот што ќе можам да играм за Вардар. Едвај чекам да играм во „Јане Сандански“, изјави Артурс за интернет страницата на РК Вардар.

Во Вардар тој пристигнува од германскиот клуб Гросвалштад кој оваа сезона испадна од Бундес лигата. Сезонава Артурс одигра 35 натпревари за Гросвалштат, а со репрезентацијата на Летонија избори пласман на ЕП 2020 година.

Вардар во втората половина на јули ќе ги почне подготовките за новата сезона, а сигурно е дека на крајот на август треба да настапи на Супер Глоуб каде ќе се обиде да стигне и до титулата на неофицијалното клупско СП.

„Вардар секогаш знаел да препознае квалитет во некој играч кој набрзо по доаѓањето во нашиот клуб веднаш станувал препознатлив н амеѓународна сцена. Веруваме дека и со Артурс ќе биде исто, и ќе продолжи исто како и неговите претходници меѓу стативите на „црвено-црните”, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.