
По дводневно протестирање родителите се изборија нивните деца да бидат запишат во гимназијата „Орце Николов“, без да полагаат квалификационен тест, македонски и математика.
Скопската гимназија ќе прими 26 ученици повеќе од предвидената квота, односно сите ученици со просек 5.00. Нема да биде отворена нова паралелка, а учениците ќе бидат распоредени во предвидените 9 класа.
Министерот за образование Асбер Адеми пред два дена објави дека согласно законот сите ученици ќе мора да полагаат тест кој беше закажан за утре. Но, по средбата со родителите и нивниот притисокот, тој ја промени одлуката.
„Сите ќе бидат запишани. Треба да се размислува да се прави национално тестирање за да не појавуваат вакви проблеми. “, изјави Адеми.
Протестот на родителите кулминираше, откако вчера беа објавени списоците за полагање. Тие не отстапуваа од барањата, учениците да не бидат дискриминирани на овој начин и побараа и остварија средба со советници на со премиерот во Владата.
Тестови нема да полагаат ниту учениците од скопското медицинско училиште Панче Караѓозов ниту во Димитар Влахов во Струмица, каде исто така беше надминат бројот за околу 5 полуматуранти, на отсекот медицинска сестра на македонски јазик. Конкурсот за запишување ученици е завршен во скопските гимназии „Раде Јовчевски – Корчагин“, во „Никола Карев“, како и во гимназијата „Георги Димитров“.