ЕУ ги продолжи санкциите кон Русија

Европскиот совет ги продолжи рестриктивните мерки воведени кон Русија како одговор на анексијата на Крим и Севастопол. Санкциите се продолжени до 23 јуни 2020 година и се ограничени на териториите на Крим и Севастопол.

Во соопштението на Европскиот совет стои дека рестриктивните мерки вклучуваат забрана на увоз на производи кои доаѓаат од Крим или Севастопол во ЕУ, потоа забрана за вложување на ЕУ државјани или компании во Крим или Севастопол и забрана за туристичките агенции на Крим или во Севастопол, што подразбира дека европските крузери не смеат да престојуваат на пристаништата во Кримскиот полуостров, освен во итни случаеви.

Од Брисел потсетуваат дека ЕУ останува цврста во својата одлука да го поддржи суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет, како и дека не ја признаваат и ја осудуваат анексијата како кршење на меѓународното право .