ПОЦ ќе потроши 20 илјади евра за нова веб страна

Според договорот објавен на веб страната на Бирото за јавни набавки, новата веб страна на Паркинзи на општина Центар,ПОЦ, што ќе треба да ја изработи фирмата „Виста груп ДООЕЛ експорт – импорт“, ќе чини 1.235.000,00 денари или 20 илјади евра.

Техничката спецификација од договорот предвидува веб страната да биде изработена во ЦМС и да биде динамична со механизам за менување и додавање на содржини. Освен стандардните содржини поврзани со работата на јавното претпријатие, веб страната треба да содржи и дел за надополнување, плаќање и проверка на паркинг картата.

Според познавачите, договорот е склучен на износ, нереален износ, бидејќи најчесто за вакви услуги се наплатуваат најмногу до 5.000 евра или за 4 пати помалку од сегашниот договор меѓу општина Центар и „Виста груп ДООЕЛ“.

Договорот не предвидува рок за завршување на услугите.

Пред четири години компанијата „Виста Груп“ беше спомнувана во јавноста од тогашната опозиција, а денешна власт. Тогаш Министерството за образование склучи договор со „Флуент“ и го доби тендерот од 76.000 евра за да ги прави психолошките тестови за кандидатите за наставници и за професори од основното и од средното образование и со тоа го презеде овој „бизнис“ од „Виста груп“.

„Виста груп“, како што објавуваа македонските медиуми, во јавноста беше позната по тоа што ги спроведуваше психолошките тестирање за кандидатите за вработување во администрацијата. „Виста груп“ заработуваше и од тестирање на наставниците и професорите откако во 2013 година го доби тендерот за стандардизација на меѓународно признати психолошки тестови од Министерството за образование во висина од околу 15.000 евра. „Виста груп“ во 2015 го добива тендерот за тестирања во јавната администрација на Министерството за информатичко општество во висина од околу 200.000 евра, а претходно, во конзорциум со уште три фирми, доби тендер од Министерството за информатичко општество во висина од 800.000 евра.