Македонија презема значителни мерки, но се уште не ги исполнува стандардите за елиминација на трговијата со луѓе, се констатира во извештајот на Стејт департментот за 2019. Се нотира дека Владата презела повеќе дејства во споредба со претходниот извештаен период, но се уште не се исполнети стандардите во неколку клучни области. Судиите и натаму изрекуваат минимални казни за трговија со луѓе. Иако има истраги за вклучување на припадници на полицијата во корупција или трговија со луѓе, се уште изостануваат постапки против државни службеници. Владата не им доделува грантови на невладините организации за борба против трговијата со луѓе четврта година по ред, забележува Стејт департментот.
Според извештајот, жртви на трговијата со луѓе се македонски, но и странски државјани. Жени и девојки се цел на сексуално злоставување и принудна работа најчесто во ресторани, барови и ноќни клубови. Странските жртви кои сексуално се злоупотребуваат најчесто потекнуваат од земјите од Балканот и Источна Европа – Албанија, БиХ, Косово, Романија, Србија и Украина. Граѓани на Северна Македонија, пак, се жртви на трговија со луѓе и принудна работа, особено во градежништвото и земјоделскиот сектор во Јужна, Централна и Западна Европа. Проблем е и принудувањето на деца Роми на питачење и на несакани бракови. Особено ранлива група се мигрантите и бегалците кои поминуваат низ земјата, пред се жените без придружба. Трговците со луѓе често ги поткупуваат полицајците и инспекторите за што веќе има и документирани полициски извештаи, се нотира во Извештајот.
Стејт департментот и препорачува на Македонија засилени истраги, обвиненија и пресуди против трговците со луѓе, вклучувајќи и соучесниците службеници, како и воведување построги казни, повеќе полициски ресурси, поголемо информирање на јавноста за овој проблем и формирање независна канцеларија на Национален известувач за трговијата со луѓе.