Битолчанецот ја застрелал сопругата, па се самоубил

Мажот и жената коишто во неделата попладнето беа најдени мртви во нивниот стан во Битола, најверојатно се жртви на семејна расправија, во која сопругот ја застралал сопругата, а потоа си го одземал животот.

Според извори од полицијата, околу 14.15 часот во СВР-Битола било пријавено дека на улицата „Климент Охридски“ 62-годишниот С.Ѓ. по претходна меѓусебна расправија, извршил убиство на неговата 57-годишна сопруга М.Ѓ. пукајќи со пиштол „ЦЗ 7,62“, по што извршил самоубиство. Засега, сѐ уште не е познат мотивот за тешкото убиство.

Маж и жена попладнево се пронајдени починати во стан во Битола. Како што соопштија од Јавното обвинителство, дежурен јавен обвинител извршил увид во стан на улица „Климент Охридски“ во Битола, каде се пронајдени безживотни тела на маж и жена, на возраст од 62 и 57 години.

„Во насока на расчистување на кривично-правниот настан, издадена е наредба за вештачење на сите траги и материјални докази пронајдени и подигнати на лице место. По наредба на јавниот обвинител, телата на починатите се предадени за обдукција“, соопшти обвинителството.