Стечајците од „Охис“ имаа средба со Анѓушев

Вицепремиерот задолжен за економски прашањa, Кочо Анѓушев денеска оствари средба со поранешни вработени од фабриката „Охис“ кои штрајкуваа пред Владата, кои се незадоволни од спроведената стечајна постапка.

Како што информираат од Владата, на средбата било констатирано дека стечајната постапка на „Охис“ е завршена и спроведена од судските и стечајните органи, во процес во којшто Владата немала ингеренции.

Анѓушев објаснил дека Владата ги разгледува можностите во рамките на сопствените ингеренции и законските можности за изнаоѓање на решение во врска со нивните барања.

„По обвинувањата од вработените за сомнежи дека во минатото се правеле злоупотреби на службената должност и се оштетувал имотот на ‘Охис’, а со тоа и имотот на државата, ситетие треба да се пријават и споделат со државните органи кои спроведуваат истражни постапки“, истакнал вицепремиерот.

Од Владата потсетуваат дека според Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија во доминантна сопственост на државата, обезбедуваат околу 7800 денари или 34 отсто од просечната плата месечно за лица со над 15 години стаж. Ваквото право го користат околу 8.000 лица, меѓу нив и поранешни вработени во „Охис“.