
„Денеска на граничниот премин Стар Дојран промовираме уште една наша информативна акција со порака до сите учесници во сообраќајот: “Те чекаме дома. Не брзај!“. Нашата интенција е да им укажеме на учесниците во сообраќајот, особено сега кога во летните периоди традиционално се зголемува фреквентноста на сообраќајот, дека за безбедното патување е примарно почитувањето на сообраќајните правила и прописи“, рече министерот Оливер Спасовски на денешната промоција на уште една во низата кампањи на МВР за побезбеден сообраќај.
Оваа кампања пред се е насочена кон брзината со која се движат учесниците во сообраќајот, а летоците што ќе се делат на патниците на граничниот премин, имаат за цел да ги потсетат нашите граѓани, но и странците, на почитување на брзинските ограничувања и на нивната лична сообраќајна безбедност.