Со тесно мнозинство од 64 гласа „за”, пратниците во Собранието во средата вечерта ги разрешија од должностите министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор, Хазби Лика.
Освен овие тројца министир во владата на премиерот Зоран Заев, на почетокот на денешната собраниска седница беа констатирани оставките на министрот за земјоделство Љупчо Николовски, на министерот за култура Асаф Адеми, на министерот за животна средина Садула Дураку и на министерот без ресор Зоран Шапуриќ.
Расправата за предложената реконструкција на Владата мина во остри реплики и контрареплики меѓу опозицијата и власта. Освен за политиките на Владата, пратенциите се конфронтираа и за капиталните инвестиции, за Договорот од Преспа за промена на уставнот име на земјата и за евроинтегративните процеси на државата, односно недобивањето датум за почеток на пристапниот процес кон Европската унија.
Претениците од опозицијата оценја во своите настапи дека станува збор за погрешни кадровски решенија, бидејќи се разрешуваат ефикасни министри, а остануваат министри во Владата кои не покажале резултати. Тие, исто така, побараа оставка од Заев на премиерската функција, формирање техничка влада и одржување предвремени парламентарни избори во октомври.
Според пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, оние кои требало да бидат разрешени се вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, бидејќи тој не успеал да ги координира активностите за државата минатата година да добие датум за преговори со ЕУ, потоа министерот за образование Арбр Адеми и министерот за животна средина Садула Дураку, кој наместо да биде разрешен, е прераспределен на нова функција во новото Министерство за политички систем.
Сличен став изнесе и неговиот партиски колега Влатко Ѓорчев, кој обвини дека од владата се тргаат луѓе кои се неистомисленици. Говореше за оставката на заменик-министерот за образование Петар Атанасов и за разрешувањето на министерот за финансии Драган Тевдовски кое, според него, е погрешно.
„За Драган Тевдовски може било кој што да каже, но сите знаеме дека е чесен. Драган Тевдовски има образ и е чесен. Не се согласувам со неговите политики и неговиот концепт, но во оваа Влада има барем 10-15 министри на кои местото им е да им се побара оставка. Цела оваа метла се сведе на тоа Драган Тевдовски да го изгуби ресорот“, рече Ѓорчев.
Во репликата, Заев појасни дека проценил оти Атанасов во моментов не може да ја извршува министерската функција во Министерството за образование.
„Не е соодветно време тој да ја преземе палката на Министерството за образование. Ги знам и предностите, ги знам и слабостите. Така сум оценил“, истакна Заев.
Седницата продолжува утре во 11 часот, а на дневен ред е именувањето на новите министри.
Претходно премиерот Зоран Заев од собраниската говорница рече дека го повлекува предлогот да биде истовремено и министер за финансии, иако како што оцени самиот Уставот и Законот за Влада го дозволувале тоа, а со Министерството за финансии ќе раководи додека не се избере нов министер.