
„Посветено работиме на унапредување на правата на сите граѓани, се трудиме да ја искорениме дискриминацијата и негативниот однос кон сите различности во државата. Ги почитуваме сите граѓани и се бориме секој ден со секој чекор како Влада да ги прифатиме сите кои имаат различно размислување, различна сексуална ориентација, различен етникум, затоа што само така можеме да одиме напред како држава“, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во обраќањето на националната конференција за унапредување на правата на ЛГБТИ-заедницата, во организација на Министерството за труд и социјална политика и во соработка со Советот на Европа.
Посочи дека ова е прва конференција во регионот што го застапува ова прашање и е водена од државна институција. Ова Влада, нагласи министерката, е силна, затоа што сите граѓани ги почитува на еднаков начин и дава шанса секој да се развива поеднакво во ова општество и да го даде максимумот во неговиот развој.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека со дефинирањето на кривичното дело омраза како кривично правно дејствие насочено меѓудругото и кон припадниците на ЛГБТ заедницата, а во рамки на измените и дополнувањата на Кривичниот законик од крајот на минатата година се овозможилo натамошното продлабочување и прецизирање на постапките и процедурите на полициското работење во таквите случаи. Потенцира дека МВР веќе има најави преку мисијата на ОБСЕ за натамошно партиципирање на полицијата во новиот повеќегодишен акциски план на програмата насочена кон сите облици на криминал од омраза.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека од минатата година почнале соработка со граѓанските организации за спроведување на програмата за ХИВ превенцијата, за која голем интерес има и ЛГБТ заедницата. Посочи дека го зголемиле буџетот и поголема сума на средства ќе им припадне на граѓанските организации за реализирање на програмите. Од пред неколку месеци, нагласи, на раполагање за transgeder хирургија на сите наши граѓани, е врвен експерт од Србија кој работи во развиени европски земји и во Америка и за сметка на Фондот за здравствено осигурување тие операции кои досега се плаќаа приватно ќе има можност да се прават на Клиниката за детска хирургија.
Копретседавачот на асоцијацијата ЕРА која вклучува ЛГБТ организации од повеќе земји од Западниот Балкан и Турција, Билјана Гинова рече дека некои од земјите во пристапниот процес кон ЕУ, а сите шест од Западниот Балкан се движиме кон ЕУ, се понапредни, а некои малку стагнираат.
– Владите кои се присутни во оваа група се обврзуваат дека во унапредување на правата на ЛГБТ луѓето ќе работат меѓусебно, но и ќе работат со ЛГБТ луѓето и активистите од регионот. Се залагаат за значително учество на ЛГБТ луѓето во сите процеси на политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот, дека ќе се залагаат за унапредување на законските рамки и ќе ги препознаат дискриминацијата и насилството врз нив, за спроведување на тие законски рамки и за менување на мислите, додаде Гинова.