За 1,5 пати е поголема смртноста кај новороденчињата Роми

Ромите во Македонија се соочуваат со понеповолна здравствена состојба од останатото население. Имено, смртноста кај новороденчињата Роми е за 1,5 пати повисока за разлика од Македонското население во 2017 година. Во истата година речиси 50% од смртните случаи кај Ромите се случиле пред 65-та година од животот, за разлика од 23% кај останатото население, беше кажано на денешната конференција на ЕСЕ, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените :„Како до унапредување на превентивната здравствена заштита за жените, мајките и децата од Ромската заедницата?

Превентивната здравствена заштита по однос на репродуктивното здравје, како и здравјето на мајките и децата е клучна за овозможување здрав почеток на животот и со тоа подобрување на здравјето на целото население. Преку работата на здруженијата на полето на имунизација на децата Роми во општините Шуто Оризари, Делчево, Виница и Пехчево, опфатот на децата Роми со вакцинација значително се зголеми од 2012 до денес и во моментот опфатот е над 90%.
Меѓутоа ромската заедница од овие општини се уште се соочуваа со проблеми во пристапот до превентивната здравствена заштита за унапредување на женското репродуктивно здравје и здравјето на мајките и децата.
Клучни детектирани проблеми се следните: недоволен опфат со посети од патронажни сестри, недоволен опфат со здравствена едукација, недоволен опфат со систематски прегледи за децата вон образовниот систем, недоволен опфат со Програмата за скрининг на рак на грлото на матката и наплаќање на услугите од страна на матичните гинеколози.
Во општината Шуто Оризари, работат само две патронажни сестри што не е доволно за соодветно спроведување на посетите за време на бременоста и по породувањето, ниту за соодветно идентификување на невакцинирани деца на терен. Само 4% од ромските домаќинства ги посетила патронажна сестра за да го провери картонот за вакцини и да им даде информација за вакцинација. Според податоците од основните училишта над 450 деца не посетуваат редовно образование, а само 40 деца надвор од образовниот систем се опфатени со систематски прегледи. Во моментот нема доктор во одделот за превентивна здравствена заштита и вакцинација на предучилишни деца. Иако Министерството за здравство секоја година планира едукативни работилници за родители Роми за детско здравје, податоците говорат дека ниту едно лице од ромската заедница не учествувало на овие едукации. По однос на женското репродуктивно здравје, 37% од жените немаат избрано матичен гинеколог. Исто така, 72% од жените не посетиле гинеколог за превентивен преглед во изминатите 12 месеци, додека 34% од жените никогаш не посетиле гинеколог. Во однос на здравствената заштита за време на бременоста, 13% од жените при последната бременост не направиле медицински преглед во првото тромесечје од бременоста (како што е препорачано од Светската здравствена организација).

Поради тоа од Министерството за здравство и од останатите надлежни институции се бара : вработување на најмалку две патронажни сестри кои ќе работат во општината Шуто Оризари, вработување на доктор во одделот за превентивна здравствена заштита на деца на предучилишна возраст во Шуто Оризари, обезбедување на континуирана здравствена заштита во с. Црник, доследно спроведување на мерките за теренско откривање на деца вон образовниот систем и нивно упатување на систематски прегледи и вакцинација и друго.