Цените на услугите во роаминг помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ од утре ќе се намалат за 27 отсто, а од јули 2021 година ќе бидат целосно укинати.
Динамиката на намалувањето на цените е согласно со Договорот потпишан на Вториот дигитален самит за Западен Балкан, како предуслов за почнување на постапката за укинување на роамингот кон Европската унија.
Истражувањето на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) спроведено од 24 до 31 минатиот месец покажува дека скоро петтина од испитаниците кои знаат што е роаминг слушнале за договорот за регионален роаминг, со којшто од 2014 година беа намалени цените помеѓу држвава, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Кон таа регионална иницијатива минатата година се приклучија и Албанија и Косово. Од испитаниците кои слушнале за договорот 16 проценти ја користеле таа поволност. Половина од корисниците на регионален роаминг, пак, сметаат дека тој е незначително поевтин.