
„Очајна е ВМРО-ДПМНЕ, вистината експресно ги порази кујните на нивните медиумски курири кои штанцаат лажни вести, велат од СДСМ како реакција на денешната прес-конференција на Иванка Василевска која обвини дека Драги Рашковски, од позиција на генерален секретар на влада, договарал сомнителен тендер во висина од 7 милиони евра за набавка на систем за летање преку М-НАВ“, соопштуваат од СДСМ.
Според владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ оди до таму што шурува и прави лажни конструкции со луѓе кои биле спремни да го загрозат животот на граѓаните.
„Фактите кои веќе се јавно достпани потврдуваат дека нема никаква афера за местење тендер од страна на генералниот секретар на владата, тоа е уште една лажна вест на ВМРО-ДПМНЕ која е поразена од висината. Дури ниту во снимениот разговор, кој очигледно намерно не е објавен во целост, не се зборува за манипулации со тендерска постапка“, стои во партиската реакција.
Од СДСМ велат дека тендерот и изборот на најповолен понудувач се направени уште во 2016 година.
„Договорот за набавка на нов радарски систем, некој свесно го опструирал, загрозувајќи го животот на граѓаните и безбедноста на нашето небо, за што докази се доставени во надлежна институција. Со оглед на тоа дека опремата е неопходна за нормално функционирање на авионскиот соообраќај, по налог на Владата е свикан состанок за утврдување на динамика за испорака“, се наведува во партиското соопштение во кое се додава дека тоа што некој сакал да предизвика инцидент и загрозување на човечките животи на небото е неважно за ВМРО-ДПМНЕ.