Вооружен маж влетал во Српската патријаршија и барал 200.000 евра

Четириесет и двегодишен маж е уапсен во средата попладнето во Белград, откако вооружен влетал во седиштето на Патријаршијата во српската престолнина, се заканувал и земал двајца заложници барајќи 200.000 евра, пренесува агенцијата Танјуг наведувајќи соопштение на белградската полиција.

Напаѓачот е идентификуван како поранешен служител во црквата, но не бил духовно лице, кој со пиштол влегол во зградата на Патријаршијата заканувајќи им се на двајца сметководители кои ги земал во заложништво, барајќи да му бидат исплатени 200.000 евра.

„Тој не знаел дека таму нема пари, дека станува збор за сметководство и оти во канцеларијата има двајца службеници кои се занимаваат со документи“, го цитира агенцијата соговорникот од кабинетот на патријархот Иринеј.

Белградските електронски медиуми истакнуваат дека просторијата во која влегол напаѓачот е во близина на приемните одаи на патријархот. Припадници на специјалната полиција ја блокирале зградата на Патријаршијата и воделе преговори со вооружениот маж кои траеле малку повеќе од еден час, по што тој бил приведен а во инцидентот нема повредени.

„Не знаеме дали бил при здрав разум, лично не знам за кој поранешен црковен службеник станува збор. Полицијата беше и ја заврши работата. Важно е дека сѐ добро заврши“, рекол патријархот Иринеј за медиумите.