Египетската полиција презема акција за апсење на голем број на лица кои учествувале во различни видови протести, поради усвоениот закон за забрана на демонстрациите, кои не добиле официјална дозвола од властите.
Во средата обвинителството издаде наредба за апсење на двајца истакнати активисти поради протест што го организирале, ден порано во Каиро, потсетува „Би-Би-Си“.
Ахмед Махер, лидер на „Младинското движење 6-ти април“ и блогерот Алаа Абдел Фатах демонстрираа пред зградата на Горниот Дом на Парламентот, со барање за укинување на контроверзниот закон.
Според активистите законот е построг дури и од законите за време на владеењето на претседателот-диктатор Хосни Мубарак, соборен од власт во 2011 година по масовни протести, во кои движењето на Махер играше важна улога. Исто така противниците на мерката сметаат дека таа всушност ја заменува неодамнешната вонредна состојба, што се случи во средината на август, откако стотици загинаа во судирите меѓу органите на редот и приврзаниците на соборениот претседател Мохамед Морси.
Денес беше потврден апсењето на блогери Абдел Фатах, а други 24 лица кои беа уапсени за време на протестот во вторникот, беа вратени во притвор поради различни обвиненија.
Во меѓувреме, во одделен процес египетски суд осуди 21 поддржувачки на соборениот Морси, на 11 години затвор. Тие се прогласени за виновни по различни обвиненија, меѓу кои припаѓање на терористичка група, отежнување на сообраќајот, саботажи и употреба на сила на протест во Александрија минатиот месец. Нивните роднини објаснуваат дека жените се нарекле „Движење во 7 наутро“, организирале мирни демонстрации во раните утрински часови на денот во поддршка на поранешниот претседател.
Седум од осудените се девојчиња помали од 18 години и ќе бидат сместени во затвор за малолетници.
Организациите за човекови права ја критикуваа пресудата како премногу тешка, а адвокати признаа дека очекувале жените да бидат испратени во затвор најмногу на месец, а не на цели години.