Бизнисменот Зоран Азманов, кој уште во февруари годинава го обвини Бојан Јовановски за рекет, сега вели дека се докажало оти се што зборувал е вистина. За порталот „Фактор“ тој изјавува :
„Рекетарството на Бојан Јовановски, кој ги злоупотребуваше врските со бившиот секретар на СДСМ, а воедно беа злоупотребувани и од други моќни фигури на власта како што e директорот на финансова полиција, главната специјална обвинителка Катица Јанева, големиот директор за маркетинг – нејзиниот син кој вчера заврши факултет, а јас сето тоа го кажав пред 6 месеци, денес се потврди“, вели Азманов.
„Во неговата телевизија се најдени снимки со наводна компромитирачка содржина од мои приватни разговори, меѓу другото најдени се и за многу други бизнисмени со што се потврдува и моето тврдење дека институциите на државата – СЈО и Финансова полиција работеле во спрега со Боки 13 за мое рекетирање, а самата најава на Инсајдер Досие 03, каде сум претставен како Градежна мафија на квадрат, месец и половина пред да биде објавена емисијата, пред да ми се даде шанса да дадам било каков исказ и без да има било какви докази за било каква моја вмешаност на градежен бизнис со државата, ја покажува и докажува рекетарската намера на Боки 13 и неговата телевизија, кој во тоа време уживаше многу голема поддршка од луѓе во втор и трет ешалон од власта, а сега истите се разрешени.
Таквиот рекет Боки 13 не би можел никогаш да го прави сам без да има помош од овие институции кои ги погоре споменав, без да има такви конекции со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со директорот на Финансова полиција. Имам сознанија дека за мојата дискредитација преку Инсајдер, Боки 13 и неговите пајташи кои преку ред го пласираа во етер Досие 03 без никакви докази, истото исклучиво базирано врз лажни приказни дадени од страна на мои должници, примале огромна сума на пари од мојата конкуренција, кои не би сакал сега јас да ги споменувам. Точно се знае кои се фирмите, па заради тоа директорот на Финансова полиција од петни жили се трудеше да ме притвори мене и уште еден голем бизнисмен од градежниот сектор, само за да не тргнат од пазарот на недвижности во Скопје и на наше место да дојдат нови градежни компании, кои нема да ја имаат нашата конкуренција.
Тое е причината зошто Боки 13 по секоја цена сакаше да ме дискретитира на таков подмолен и безобразен начин, со најава каква што беше и со немање никакви докази за било каква вмешаност во мафијашка работа од моја страна. Тоа што Сашо Ордановски го тврдеше во своите вести заедно со Боки 13, дека Инсајдер била емисија која се емитува врз основа на највисоки критериуми во новинарството и веродостојни докази излезе дека е чиста лага, па го повикувам овој познат новинар, наводно голем поборник за правда, го повикувам на било кој медиум на дуел за да видиме кој е градежна мафија, а кој е медиумска мафија и рекетар со аргументи и докази, а не со лажни приказни бидејќи тоа што беше изнесено во Инсајдер многу лесно се докажува дека не е вистина. Истото важи и за господинот Чомовски, кој заедно со Ордановски беа познати како најголеми поддржувачи и восхитувачи на добро познатиот рекетар Боки 13, злоупотребувајќи ја нивната моќ да влијаат преку медиумот кој го владеат. Многу е лесно да си направиш емисија за било кого и да го оцрниш, на база на лажни искази и лажни обвинувања без да се соочиш со фактичката вистина и аргументите на спротивната страна што се обидуваш да ја оцрниш. Тоа е најниското ниво на новинарство, спротивно на сите етички и морални кодекси на новинарството, токму тоа е тоа што го правеа Сашо Ордановски и Боки 13 заедно со своите соработници“, вели Азманов во изјавата.