Кремљ ја отвори можноста за промена на рускиот Устав откако беше предложено јакнење на моќта на парламентот. Но, овој потег би можел да ја прошири власта на рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на Путин, Димитриј Песков изјави дека идејата за уставните амандмани, вклучувајќи го и давањето на глас на парламентот во формирањето на владата, се соочило со голема реакција и тоа е работа за која што треба да се дискутира.
Мандатот на Путин завршува во 2024 година, а тоа значи крај за рускиот претседател, бидејќи рускиот устав предвидува најмногу два претседателски мандати по ред.
Иако Путин прв ја исклучи можноста за промена на рускиот устав за тој да остане претседател, неговите советници ги истражуваат начините кои ефективно би го продолжиле неговото останување на власт кое што веќе е подолго од владеењето на озлогласениот советски диктатор Јосиф Сталин.
„Кремљ ги разгледува промените на електоралниот систем за да го обезбеди долниот дом на парламентот на изборите во 2021 година, поради падот на популарноста на владеачката партија на Путин, Единствена Русија“, тврдат извори запознаени со подготовките на Кремљ, пренесува “Moscow Times”.
Управувањето со законодавното тело, државната Дума, на Путин би му дало широк простор за маневрирање.
„Тоа би му овозможило да ги менува улогите за да остане на власт како лидер на владеачката партија и премиер со проширено уставно овластување“, велат два извори блиски до Кремљ.
Претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, вчера истакна дека Русија мора да го исправи „недостатокот на неопходниот баланс помеѓу работата на законодавните и извршните тела“.
„Тоа во најмала рака значи дозволување на законодавците да учевствуваат во изборот на министрите на владата, а за тоа се потребни уставни промени“, изјави Володин.
Иако провладините членови на парламентот воглавно ја поддржуваа оваа идеја, шефот на Комисијата за човекови права на Кремљ, Михаил Федотов изјави дека се противи на било каква измена на рускиот устав.