
„Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион, вели премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во интервјуто објавено на грчката телевизија Алфа, а направено во Скопје, три дена пред изборите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервјуто објавено во два дела Заев зборува за зближувањето на народите, за економската соработка, за неговото пријателство со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас. Потенцира дека во зависност од тоа како некој го гледа договорот, може да каже дека е добар или лош, но изразува верување дека сите ќе гледаат кон иднината и нема да има враќање назад.
– Ги следев внимателно ставовите на господинот Мицотакис, секако неговиот коментар дека договорот не е добар ни е познат. Ако гледаме низ призмата на двете земји можеби подеднакво не е добар или подеднакво е добар. Јас верувам дека сите заедно ќе гледаме напред, нема да се враќаме назад. Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион“, вели Заев.
Тој додава : „Јас сум човекот овде во Северна Македонија, кој ќе остане запаметен дека под негово лидерство е сменето името на нашата земја. Но, и како во едно семејство, некогаш во животот мора да направите одредени чекори, не толку среќни, не толку што ве исполнуваат, но заради добро на децата, за добра иднина на семејството, но и на соседството заедно ги правите ваквите чекори. Сега имаме нов пријател и стратешки партнер Грција. Зарем тоа е мала придобивка која што ја добивме? Тоа е голема работа за мене, вели Заев, пренесе МИА.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, интервјуто со премиерот Заев го направи грчкиот новинар, Јоргос Лианис, кој воедно на два пати во минатото беше и заменик министер за спорт во владите на ПАСОК во периодот 1993-1996 и 2002-2004, а од 1989 до 2011 беше пратеник од истата партија.
Интервјуто со Заев беше објавено на грчката телевизија „Алфа”, во два дела во централните изданија на вестите во петокот и вчера, во траење од околу седум минути, а како што објасни и самиот новинар, било снимено три дена пред изборите во Грција на 7 јули.