Предлогот за спојување на СЈО и Обвинителството за организиран криминал утре пред пратениците

Владиниот предлог за спојување на Специјалното јавно обвинителство со Обвинителството за организиран криминал и корупција во обвинителство за организиран криминал и висока корупција утре е на дневен ред во Собранието.

За новиот Законот за јавно обвинителство, на предлог на Министерството за правда, утре ќе почне собраниската расправа. За изгласување на овој закон потребно е 2/3 мнозинство.

Предлогот на премиерот Зоран Заев досегашната шефица на организиран криминал Вилма Рускоска да биде на чело на новото обвинителство за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив.

„Очекуваме поддршка од сите, особено што ВМРО-ДПМНЕ кога поднесе до Министерството амандмани на претходниот текст на законот, со амандманите предложи СЈО да биде дел од ЈО за организиран криминал, а не предлагаше никакви кадровски промени во обвинителството за организиран криминал, што практично значи дека во новиот текст на законот е прифатен нивниот предлог Јавното обвинителство на чело со Рускоска да ги води случаите на СЈО. Сега зачудува измената на нивниот став по ова прашање“, велат од Министерство за правда.

Опозицијата сѐ уште официјално не ги соопштила забелешките на законот.