
Северна Кореја рано утрото во средата по локално време истрелала неколку неидентификувани проектили, објави јужнокорејската новинска агенција Yonhap, повикувајќи се на воени извори.
Проектилите биле истрелани од полуостровот Ходо во севернокорејската провинција Хамген-Намдо (Јужен Намдо), на источноро крајбрежје.
Здружениот штаб на јужнокорејската армија во соопштение наведува дека „ја следи ситуацијата во врска со новите лансирање и ја одржува состојбата на готовност на војските“.
Претставници на администрацијата на САД, исто така, потврдиле дека се запознаени со лансирањето на неколку прокетили од територијата на Северна Кореја, и оти продолжуваат со следењето на ситуацијата.
Минатиот четврток беше објавено дека од областа на југоисточниот пристанишен град Вонсан, севернокорејската војска лансирала два проектила кои прелетале 430 километри пред да паднат во водите на Јапонското Море.
Подоцна беше дополнето дека максималната височина којашто ја достигнале севернокорејските ракети изнесувала 50 километри, како и дека проектилите биле лансирани до мобилни ракетни системи. Јужнокорејската армија смета дека станува збор за истиот вид ракети кои Северна Кореја ги лансираше во мај годинава. Тогаш стануваше збор, според признанието на Пјонјганг, на проектили со кус дострел.
Тестирање на проектили во Северна Кореја се случи на 9-ти мај, кога беа лансирани ракети со кус дострел, како и помали проектили, од областа на селото Синори во покраината Пјонгјанг-Пукто. Ким тогаш лично го надгледуваше тестирањето на претходно непровереното оружје – релативно мала брза ракета, за која стручњаците веруваат дека е полесно да се сокрие, да се лансира и да се маневрира со неа во текот на летот.
Севернокорејската државна новинска агенција KCNA кон средината на јули извести дека Ким бил во инспекција на голема новоизградена подморница придружуван од шефот на ракетната програма. Експертите во западните медиуми изразија сомневање дека со тоа можеби го сигнализирал продолжувањето на развојот на програмата за балистички проектили.