
Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за начинот на финансирањето на изградбата на Универзитетски клинички центар на гринфилд локација во Скопје, како и Информацијата за започнување на реализацијата на новиот Универзитетски Клинички центар.
Министерствата за финансии и за здравство се задолжени да отпочнат преговори со конзорциумот на банки Erste group, Raifaisen bank и UniCredit за заем обезбеден со гаранција од ECA. Завршена е фазата на утврдување најповолна понуда на кредит. Министерството за здравство, како договорен орган, треба да ја спроведе постапката за јавната набавка за изградба.
За потребите и реализација на новиот Универзитетски Клинички центар, со оглед дека во изведбата обврски имаат и други министерства и институции, даден е рок од 30 дена, во кој тие ќе ја разгледаат можноста за придонес во реализацијата и повратно ќе ја известат Владата.
Доколку сите процедури се одвиваат според предвидената динамика, може да се очекува во текот на зимата да биде поставен камен-темелникот на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје, што треба да гарантира високо квалитетни здравствени услуги за населението во целата држава, стои во соопштението.