Јанева можно е да уништила докази со форматирање на фамозниот телефон

Иако, со истрагата „Рекет“ засега официјално не е опфатена Јанева, во јавноста веќе се шпекулира дека специјалната обвинителка е дел од криминалната афера за изнуда на пари од бизнисмени и лица кои се дел од постапки на СЈО.

Веста дека вториот телефон на специјалната обвинителка во оставка, Катица Јанева, при вештачењето е утврдено дека е форматиран со сменет Icloud, вчера само ги загреа шпекулациите во јавноста за нејзина вмешаност во случајот „Рекет“.

Обвинителката Вилма Рускоска, која го води овој случај, вчера изјави дека во телефонот, кој бил форматиран, нема ништо. Станува збор за телефонот за којшто синот на обвинителката Јанева тврдел дека е изгубен во Белград, а потоа апаратот беше најден кај сестрата на неговата девојка и наводно и’ бил даден како подарок.

Од обвинителството, кое не дава многу информации за текот на истрагата, туку од време на време ќе изнесе некој детаљ, кој понатаму отвора безброј други прашања и сомнежи, досега немаат кажано дали изгубениот, па пронајден телефон на Јанева, кој сега е форматиран, бил службен или приватен. Доколку бил службен, тоа дава дополнителна тежина, а собено кога станува збор за функционери од овој ранг и за кои јавниот интерес и правдата се примарни вредности. Чувството на неказнивост и селективна правда…

Но, и ако бил приватен, одговорност има, бидејќи телефонот е можен доказ.

Иако, со истрагата „Рекет“ засега официјално не е опфатена Јанева, во јавноста веќе се шпекулира дека специјалната обвинителка е дел од криминалната афера за изнуда на пари од бизнисмени и лица кои се дел од постапки на СЈО. Сепак Рускоска во интервју за повеќе медиуми, без да споменува имиња, рече дека на снимките предадени во обвинителството за организиран криминал има разговори меѓу рекетираниот бизнисмен Орце Камчев и изнудувачот Јовановски, а се слуша глас и на јавен обвинител.

Обвинителството засега не соопштува детали од вештачењето на првиот мобилен апарат на Јанева, а и проширување на истрагата за евентуално инволвирани пратеници, обвинители или други личности.

За тоа дали пронајдениот телефон на Јанева, односно вториот нејзин телефон, за кој е утврдено дека е форматиран, отвора можност кончено истрагата да се прошири и на првиот човек на СЈО, бидејќи овој чин може да да значи прикривање докази, уништување докази и попречување на истрагата, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ дава потврден одговор, но сепак, посочува дека тоа не е доказ, туку сомнеж се избришани информации кои би биле важни за истрагата.

Ѕвонко Давидовиќ

„Може да се отвори истрага, но форматирање на компјутер не е доказ, туку само сомневање дека можеби се избришани информации кои би биле битни за истрагата. Исто така, фактот што во случајов станува збор за обвинител, која многу добро знае што тоа значи, и со тоа што постои сомнеж за евентуално прикривање докази, само ги проширува шпекуалциите, кои се на штета на и онака урнисаниот правен систем. Штетата со оставање простор за шпекулирање и не кажување конкретни имиња и презимиња е голема особено поради фактот дека во јавноста веќе подолг период отворено се поврзува името на специјалната обвинителка со „Рекет“. И особено штетата е неповратна за СЈО кое се формираше со голема поддршка од граѓаните, кои се надеваа дека ќе биде светла точка во правосудниот систем“, вели Давидовиќ.

Јанаки Митровски

И адвокатот Јанаки Митровски, вели дека простор за гонење поради форматирање на телефонот на Јанева е можно само доколку се докаже дека се бришени или уништувани докази на самиот телефон.

Тој смета дека треба да се има предвид дека во нашиот кривичен законик е пропишано кривично дело „Спречување на докажување“, а Јанева како обвинител треба да е свесна дека постои можност дасе повратат дел од бришените податоци.

„Привилигираноста“ на Јанева во скандалот фрла сомнеж врз работата на истражните органи

Панче Тошковски

Не проширувањето на истрагата во однос на Јанева, и покрај бројните јасно воочливи аспекти дека „прикрива“ докази (лажењето дека телефонот е изгубен во Белград, подоцна негово форматирање, па и наредбата во СЈО за форензичко бришење на компјутерите) и можноста да влијае врз сведоци, за адвокатот Панче Тошковски е повод за сомнеж за законското постапување на сите надлежни инситуции во насока на решавање на овој случај.

Сомнеж дека истражните органи не постапуваат согласно законските овластувања како да се сака да се сокријат некои аспекти од истрагата.