„ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати алармираше и пријавуваше нерегуларности во врска со последните претседателски избори. ЈО и другите надлежни институции не собраа храброст да се ослободат од притисоци и да постапат по наводите за злоупотреба во институциите“, изјави Игор Николов, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ, на денешната прес конференција, на која беше објавена снимка од разговорот од состанокот во Прилеп, на која се гледа дека СДСМ ги злоупотребува дури и болниците, играјќи си со животот на пациентите и со персоналот.
„Скандалозно е да се помисли кои се тие политички задачи што треба да ги изврши медицински персонал во една болница. СДСМ ги злоупотребува институциите за вработување на партиски активисти, кои потоа наместо извршување на работата за која се платени, работат за партијата за време на избори, агитираат и собираат гласови. СДСМ ја злоупотребува државната администрација за партиски цели. Наместо во институциите, вработените од СДСМ во администрацијата работат за партијата“, рече Николов.
Од аудио снимката пуштена во интернет, се слушаат гласови на Миле Талески, претседател на општинската организација на СДСМ во Прилеп и на Горан Сугарески, министер за транспорт и врски на состанокот со нововработените во прилепската болница. Тие директно им кажуваат и им даваат задачи дека сите нововработените како надомест за добиеното работно место мора да истрчаат за партијата на изборите. Во конкретниот случај, за Стево Пендаровски. На снимката се слуша на каков начин се принудувани да гласаат граѓаните за Стево Пендаровски, со притисоци од страна на администрацијата.
„Ова е начинот на кој функционира СДСМ за време на секои избори. Токму затоа и во извештаите на странските релевантни институции и организации се посочува на партизација и политизација на администрацијата. Со сите закани, притисоци и злоупотреба на администрацијата, комплетно се согласува и министерот Горан Сугарески“, рече Николов и додаде дека е потребна итна и неотповиклива оставка од Сугарески како и итна реакција на Јавното обвинителство.
Претходно, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски, запраша, дали со одложувањето на акцијата на Русковска обвинителството купува време за Катица Јанева, да избрише докази или да влијае врз сведоци? Дека нешто се прикрива, а за тоа Русковска обвинителството молчи, доказ е и телефонот на Катица Јанева. Тој прво беше пријавен за изгубен во Белград, па потоа мистериозно пронајден кај девојката на синот на Јанева, за сега да се утврди дека бил целосно форматиран, односно од него се избришани сите податоци кои можеле да бидат дел од истрагата. Патем идната снаа на Јанева која што го поседувала телефонот била дел од структурите СЈО на Јанева. Очигледно дека не само што цело СЈО е ангажирано за бришење на трагите на вмешаност на Катица Јанева во „Рекет“, скандалот октопод, туку гледаме дека и обвинителството на Русковска при очи не прават слепи и случајот од петни жили се обидуваат да го ограничат само на двајцата осомничени Бојан Јовановски, Боки 13 и Зоран Милевски, наречен Кичеец“, рече Стоилковски и додаде дека е провиден обидот со тенденциозно водење на предметот да се заштитат лицата кои се дел од власта на Заев и дека сите рекетарски патишта на крајот може да доведат до највисоко, односно до премиерот Заев.