Мирчевски и Костадиновска победија на Илинденскиот пливачки маратон

Божидар Мирчевски од ПК ВИП Работнички и Јана Костадиновска од ПК Младост се победниците во конкуренција над 16 години на јубилејното 40-то издание на Илинденскиот пливачки маратон во Охрид.

Мирчевски патеката долга 2.5 километри од Горица до градското пристаниште ја мина за време од 31:51 минута, додека Костадиновска беше најбрза кај дамите со време 32 минути.

Место на пиедесталот во машка конкуренција обезбедија и Давид и Петар Кралевски од ПК Куманово, а кај дамите Лина Божиновска од ПК Вардар беше втора, додека Калина Стојчевска од ПК Младост заврши на третата позиција.

Во конкуренцијата под 16 години најдобри беа Симон Поповски од ПК Вардар, односно Калина Стојановска. Дамјан Петровски од ПК Олимпик Битола со девет полни години беше најмладиот пливач кој успешно ја помина трката на популарниот „мал маратон“.

Илинденскиот куп се одржа во организација на ПК „Охридски бранови“, под покровителство на Советот на Општина Охрид, а со поддршка на компанијата „Костал – Македонија“.

Фото:  OhridNews